Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Tриумфот на репрезентацијата на Германија на Европското првенство за фудбалери до 17 години годинава беше помогнат делумно од тренинзите за виртуелна реалност што ги имаа нивните играчи, пишува „Скај спорт“

Победата на Германија на мечот со Франција во финалето на Европското првенство за фудбалери до 17 години во Будимпешта неодамна беше прва титула за Германија во таа возрасна категорија по 14 години. Тоа беше постигнато, делумно, како резултат на нивниот иновативен пристап кон развојот на играчите, пишува „Скај спорт“. Како резултат на големата тимска работа низ целата федерација, виртуелната реалност е интегрирана во програмата за тренинзи во Германија. Една група фудбалери имаа дополнителна работа со очилата за виртуелна реалност за да ја подобрат нивната свесност, пишува „Скај спорт“. Десетмина од таа група беа на теренот кога станаа младински европски шампиони.

Тоа е признание за важноста на скенирањето, движењата на главата пред да се добие посед на топката, кои на играчите им даваат витални информации за нивната позиција на теренот во однос на сите останати и опциите што им се достапни.
– Можеби тоа е најважното нешто, бидејќи играта е многу побрза од пред 10 години. Донесувањето одлуки е многу важно и играчите можат да донесат добри одлуки само ако знаат каде се сите. Луѓето доаѓаат на стадионот за да уживаат во технички, убав и брз фудбал. Значи, покрај менталитетот на желба за победа, тука спаѓаат и интелигентните играчи. Играњето интелигентно може да заштеди огромно време во донесувањето правилни одлуки. Мечевите може да се добијат на овој начин. Тоа е исто толку важно како техничкиот и тактичкиот тренинг. Можете да ги развиете техничките и тактичките делови само ако имате когнитивни вештини. Тоа е разликата помеѓу добар играч и совршен играч – изјави за „Скај спорт“ Кристијан Вик, селекторот што ја водеше Германија до титулата на шампионатот во Унгарија.

Процесот на тренирање играчи со технологија за виртуелна реалност почна пред две и пол години, првично се користеше со групите фудбалери до 16 години, бидејќи имаше помал притисок од турнирите. Воведен беше на тренинг-камп во Шпанија. Секој играч го користеше по 15 минути секој ден од тој 12-дневен камп. Потоа им било дозволено да ги земат очилата дома со себе. Имаше два тренинг-меча, по еден пред и по користење на виртуелна реалност одредено време, кои помогнаа да се илустрира неговиот потенцијал.
– Таму имавме три камери што снимаа тренинг-меч за квантитативно да ги измериме движењата на главата. Ова беше нашата почетна точка. Осумдесет проценти од играчите имаа повеќе движења со главата и заземаа подобри позиции во вториот натпревар – објаснува Вик.

Себастијан Коперс е шеф на центарот за решенија во Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ). Работата беше да помогне да се утврди дали системот функционира.
– Користевме додавања кон напред како пример за подобро одлучување. Тоа беше многу едноставна студија. Ништо што можеше да се објави во научно списание. Но тоа беше првиот доказ за да се види дали сметаме дека може да ни помогне или треба да го искористиме времето за да направиме нешто друго – изјави Коперс за „Скај спорт“.

Студиите покажаа просечно подобрување од 28 отсто во стапките на скенирање за играчите на Германија по девет недели тренинзи.
Времето е непријател за тренерите, особено на меѓународно ниво. Тоа е ограничување на овие иновативни идеи, но во случајот на виртуелната реалност, исто така, е дел од објаснувањето зошто се смета за толку богат со потенцијал. Тоа е начин да се направи дополнителна работа без да се оптоварува телото.
– Секогаш размислуваме за контрола на оптоварувањето. Мислам дека сега сме на граница со физички и атлетски тренинзи со младите момчиња и девојчиња. Затоа, сѐ повеќе размислуваме што можеме да правиме со нив поединечно. Има толку многу натпревари, толку многу тренинзи. Не можеме атлетски повеќе да направиме со играчите, но можеме повеќе со главата. Една од можностите е когнитивната работа. Виртуелната реалност е уште еден процент на перформанси и може да стане многу важна – вели Вик.

Интересно е што одзивот од младите играчи не е единствен. Тоа може да се објасни со фактот дека врвните клубови во Германија се напред.
– Баерн, Борусија Дортмунд и Лајпциг беа многу брзи со оваа технологија и ние сме во постојан разговор на оваа тема, учиме еден од друг. Фудбалерите во најголемите клубови ни кажуваат дека е позабавно да се оди во фудбалски симулатори во нивните клубови, бидејќи тоа е повеќе како играње фудбал. Но нема толку многу клубови со оваа технологија, така што очилата за виртуелна реалност се добра можност за нив – рече Вик.

Од клучно значење е дека може да има корелација помеѓу оние што се истакнуваат на теренот и оние што се истакнуваат во виртуелната област.
– Откривме дека играчите што имаат добра ориентација на теренот се добри и со очилата за виртуелна реалност. Нашите најдобри фудбалери се најдобри и во двете – вели тој.

Постои чувство дека виртуелната реалност е на пет проценти од она каде што би можела да биде, толку е огромен потенцијалот, пишува „Скај спорт“. Тоа може да биде алатка за визуализација за да се подготвите за специфичните тактички планови за следниот противник, имитирајќи модели на игра со кои ќе се сретнат играчите.

– Тоа може да им помогне на повредените играчи да се подготват да се вратат на теренот. Ако не можат да тренираат, можеби уште можат да тренираат со очилата за виртуелна реалност. Можеби тоа би можело да се користи на полувремето – вели Вик.

Тоа потенцијално би можело да биде поефикасно од трчање покрај аут-линијата. Предизвикот за фудбалот е да се биде подготвен.

– Мислиме дека ова може да биде моќно и сакаме да бидеме подготвени. Размислувањето на академијата на ДФБ е да се има култура на отвореност за да се најдат одговори на овие прашања – рече Коперс.
Успехот од ова лето може да биде само почеток.