ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРИ ДО 21 ГОДИНА

Англија третпат е младински европски шампион и е првата селекција што до титулата во оваа возрасна категорија стигна без примен гол

Англија ја освои својата трета европска титула, по 1982 и 1984 година, откако ја победи Шпанија во драматичен меч во финалето на Европското првенство за фудбалери до 21 година, во Батуми (Грузија). Згора, Англија е првата селекција што до титулата во оваа младинска категорија стигна без примен гол.

Голманот Џејмс Трафорд на шест меча ја зачува мрежата, вклучувајќи го и натпреварот од финалето, во кој одбрани пенал во судиското дополнување, во 98. минута, за триумф со 1-0. Англија победи во сите шест натпревари, со вкупна гол-разлика 11-0.

– Тоа беше голем групен напор и успеавме. Ова е она кон што тргнавме во почетокот на турнирот и го постигнавме. Навистина сме горди на себе. Им кажав на сите дека ќе одбранам пенал. Ние сме многу добар тим и верувавме дека никој не може да постигне гол против нас и го покажавме тоа – рече Трафорд, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА).

Англија била европски првак и во категоријата до 17 години (двапати) и до 19 години (11 пати, рекордер заедно со Шпанија).

Годинава се одржа и европското првенство за фудбалери до 17 години, нов шампион е Германија, а во тек е европскиот шампионат за фудбалери до 19 години (засега сигурни полуфиналисти се Шпанија и Португалија, за уште две места во трка се Италија и Полска, односно Норвешка и Исланд).