Зборувајќи за следното Светско првенство, на кое ќе имаме 48 селекции, форматот на натпреварувањето уште не е решен, дали ќе бидат 12 групи со по четири репрезентации, 16 групи со по три, можеби две со по 24 селекции… Уште не може да се дефинира тоа, вели Венгер, шефот на Одделот на ФИФА за развој на фудбалот
ФУДБАЛ
На прес-конференција на Техничката студиска група на Светската фудбалска федерација (ФИФА), поранешниот тренер, Французинот Арсен Венгер, кој сега го води Одделот на ФИФА за развој на фудбалот, коментираше за Светското првенство во 2026 година, кое ќе биде прво на кое треба да настапат 48 селекции и на кое може да има промена на форматот, пишува ЕСПН.
Неодамна британскиот весник „Гардијан“ објави дека организацијата што управува со светскиот фудбал уште дебатира за идеалната форма на натпреварување, бидејќи ќе треба да се приклучат нови 16 репрезентации, пишува ЕСПН. Првично се зборуваше за 16 групи од по три селекции, а потоа првите две репрезентации од секоја од 16-те групи да се пласираат во осминафиналето.
Венгер спомена уште два можни формата за Светското првенство во 2026 година, кое треба да се игра во три земји, во САД, Канада и во Мексико, но нагласи дека конечната одлука на оваа тема треба да се донесе в година.
– Зборувајќи за следното Светско првенство, на кое ќе имаме 48 селекции, форматот на натпреварувањето уште не е решен, дали ќе бидат 12 групи со по четири репрезентации, 16 групи со по три, можеби две со по 24 селекции… Уште не може да се дефинира тоа – вели Венгер, пренесе ЕСПН.
Запрашан за проширувањето од 32 на 48 репрезентации, поранешниот тренер на англискиот фудбалски премиерлигаш Арсенал ги наведе своите аргументи.
– Тоа значи дека сега ќе најдеме уште 16 добри селекции. На пример, од Африка ќе имаме уште пет репрезентации. Од Европа ќе има уште три селекции. Светското првенство не претставува ни 25 отсто од планетата, а е само 22 процента поточно. Со учество на 48 репрезентации ќе им дадеме на селекциите повеќе можности и ќе го развиеме фудбалот во тие земји – рече Венгер.
Светското првенство во САД, Канада и во Мексико треба да се игра помеѓу јуни и јули во 2026 година, но уште нема одредени датуми. Деновите за натпреварите на тој Мундијал ќе бидат дефинирани кога ќе се избере форматот на натпреварувањето, бидејќи тоа ќе одредува колку натпревари ќе треба да се одиграат вкупно.