Поддршка за колегите од бугарската дипломатија

Зошто ги поддржувам колегите од бугарската дипломатија во нивните барање за достоинствен стандард и пристојни примања? Од вчера бугарската дипломатија е во штрајк, и тоа првпат во нивната 144-годишна историја на современа бугарска државност. Според соопштението на бугарските колеги, тие бараат пристоен личен доход (во земјата и во странство), соодветно индексирање на примањата при упатување на служба во странство или на патните трошоци при службените патувања, како и прекин на практиката на намалување на основната плата (тоа значи и помали придонеси) кога заминуваат на долгорочна служба во странство.

Зошто ги поддржувам колегите од бугарската дипломатија во нивните барање за достоинствен стандард и пристојни примања? Од вчера бугарската дипломатија е во штрајк, и тоа првпат во нивната 144-годишна историја на современа бугарска државност. Според соопштението на бугарските колеги, тие бараат пристоен личен доход (во земјата и во странство), соодветно индексирање на примањата при упатување на служба во странство или на патните трошоци при службените патувања, како и прекин на практиката на намалување на основната плата (тоа значи и помали придонеси) кога заминуваат на долгорочна служба во странство.
Мојот став за актуелните проблеми во македонско-бугарските односи е јасен, јавно соопштен и изложен, најмногу преку страниците на „Нова Македонија“. Сметам дека не може да продолжи европската интеграција на Македонија сè додека е во сила актуелниот предлог Ковачевски – Петков, неправедно наречен „француски предлог“, како и дека нема основа за продлабочен разговор ако Бугарија и натаму одбива да ги прифати македонската посебност, македонскиот јазик и македонската самобитност. Но истовремено мора да потсетам дека јас отсекогаш сум се залагал конечно да падне „железната завеса во главите“ на Македонците и на Бугарите, која никако да ја отстраниме цели 33 години откако ја тргнавме вистинската железна завеса што ги одделуваше Македонија (Југославија) и Бугарија за време на Студената војна. Срамно е два блиски народа толку да не сакаат да се запознаат и да се разберат иако веќе се дел од цврст одбранбен сојуз (НАТО) и еден ден ќе бидат дел од Европската Унија, без меѓусебни физички граници и со заеднички пазар. Бруката е дотолку поголема ако се има предвид културната, историската и јазичната блискост на Македонците и на Бугарите.
Во Македонија едно време беше популарна бугарската комедија „Мисија Лондон“, каде што неправедно беа прикажани сите предрасуди и стереотипи на бугарската јавност на бугарската дипломатија. Реалноста е дијаметрално поинаква, односно вистинската бугарска дипломатија е антипод на карикатурата прикажана во веќе прочуениот филм. Македонската дипломатија мора да ѝ симне капа на бугарската дипломатија. Тие целосно го добија последниот натпревар и нè победија во секоја точка и запирка при усвојувањето на преговарачката рамка помеѓу Европската Унија и Македонија. Да, токму таа иста дипломатија што е толку запоставена од бугарската држава и оставена да живурка и да се снаоѓа, наместо да го покаже сиот свој внатрешен потенцијал.

Бугарската дипломатија е вистинска гордост за бугарската држава, составена од врвни дипломати, кои најдостоинствено ја претставуваат својата земја на Земјината топка. Досега не сум сретнал бугарски дипломат што не го зборува јазикот на земјата каде што е упатен, кој не е темелно подготвен за својата мисија со странство и кој не е интересен соговорник за сите прашања од книжевноста, уметноста, културата, науката и технологијата. Вистинска европска дипломатија, со своја внатрешна школа и со негување врвен професионализам. Не случајно бугарските претседатели ги составуваат своите преодни влади од професионални дипломати.
Постарите колеги паметат дека личните односи на македонските и бугарските колеги биле одлични дури и во времето на затегнатите југословенско–бугарски односи за време на реалсоцијализмот. Таа основа само се зацврсти и се продлабочи по македонското осамостојување. При моето службување во Бразилија, имав среќа да го имам за колега извонредниот бугарски амбасадор Валериј Јотов, професионален дипломат со неколкудецениско искуство, кој заедно со неговата прекрасна сопруга Силва Јотова беа впечатлива и позната дипломатска двојка во бразилската престолнина, која е шести дипломатски центар во светот, со над 140 билатерални амбасади и над триесет регионални и меѓународни мисии, па исклучително е тешко за кој било дипломат да се избори за внимание. Со него организиравме заеднички настан на 15 јануари 2018 година, за да го одбележиме Денот на меѓународното признавање на Македонија, 25-годишнината од денот кога Бугарија, како прва држава во светот, ја призна македонската независност. Потоа, за време на бугарското претседавање со Европската Унија направивме претставување на стремежите за полноправен влез во Унијата на земјите–кандидати за членство во ЕУ од Западниот Балкан и какви реперкусии имаат тие процеси за односите со Бразил и со земјите од Меркосур.

Според евиденцијата на сите три министерства, тоа беше прв заеднички трипартитен настан на бугарска, македонска и српска амбасада на која било точка во светот. На настанот дојде првиот потсекретар на бразилското МНР (трет човек во бразилската дипломатија, на ранг на државниот секретар во македонското МНР), над десет амбасадори од палатата Итамарачи (седиште на бразилското МНР), голем број други дипломати од земјите на Меркосур, како и амбасадорите на земјите–членки на ЕУ. Нашите сопруги организираа посебна дамска програма, со прикажување на културата на трите земји пред партнерите на присутните дипломати. Покрај тоа, амбасадорот Јотов, за време на претседавањето на Бугарија со ЕУ, не пропушташе редовно да ги покани сите амбасадори на земјите–кандидати од Западен Балкан на редовните неделни собири на амбасадорите на ЕУ (EU HoMs – EU Heads of Missions), а дури и по првпат Македонија беше учесник на неделните собири на замениците на мисии (EU DHoMs), како и на конзуларните консултации на европските претставништва. Амбасадорот Јотов сега ја претставува Бугарија во Сараево и оттаму веќе допираат гласови дека повторно бугарската мисија е една од најактивните во Босна и Херцеговина. За несреќа, наоблачувањето на македонско–бугарските односи сега ги прави ваквите настани незамисливи, но јас сведочев колку и двете дипломатии имаат заемна корист кога заеднички настапуваат во земји каде што немаат разнородни интереси и колку Македонија (и Србија и другите од Западен Балкан) добиваат кога соседна земја-членка на ЕУ инсистира на наше вклучување во сите дипломатски форуми на Унијата.
Притоа, бугарските амбасадори се вистински врвен дестилат на бугарскиот патриотизам, умеат да ги преведат бугарските национални интереси во конкретни дипломатски активности и да донесат успех за Бугарија на меѓународен план. Токму оттука извира и мојата поддршка за штрајкот на бугарските колеги. Еден ден Македонија и Бугарија ќе треба повторно да седнат и да ги скицираат чекорите за излез од актуелната криза, да најдат начин за надминување на меѓудржавните судири и потоа за повторно зближување на двата народа и на двете држави. Убеден сум дека бугарската и македонската дипломатија ќе бидат креативни создавачи и строги спроведувачи на овој процес, па затоа сум должен да ги поддржам бугарските колеги во нивната борба за достоинство на дипломатската професија.

Ивица Боцевски