Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

Комбинираниот трошок на 20-те клуба во Англија е 100 милиони фунти, најниско ниво во јануари во сезона без ковид, од 60-те милиони фунти во сезоната 2011/2012 и значително помал од лани, според фирмата за финансиски услуги „Делоит“. И покрај релативно скромниот јануарски вкупен износ, сезоната 2023/2024 уште има второ најголемо вложување за трансфери досега, со 2,5 милијарди фунти издвоени во двата преодни рока (летен и зимски). Трошењето низ другите пет најсилни домашни првенства во Европа се зголеми на 388 милиони фунти од 218 милиони фунти во јануари 2023 година, пишува „Би-би-си“

Трошоците на клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига во јануари значително се намалија по три последователни рекордни зимски преодни рокови, при што тимовите потрошија 715 милиони фунти помалку отколку во јануари 2023 година, пишува „Би-би-си“. Комбинираниот трошок на 20-те клуба е 100 милиони фунти, најниско ниво во јануари во сезона без ковид од 60-те милиони фунти во сезоната 2011/2012 и значително помал од лани, кога беа вложени 815 милиони фунти, според фирмата за финансиски услуги „Делоит“.
Само 30 милиони фунти беа вложени на последниот ден на годинашниот зимски преоден рок, уште еден значителен пад од 275-те милиони фунти истиот ден пред 12 месеци. Имаше само 17 целосни трансфери направени од клубовите од англиската Премиер-лига за време на јануарскиот преоден рок, со дополнителни 13 договори за заем, вклучувајќи седум постојани и шест договори за заем на последниот ден од зимскиот преоден рок годинава, пишува „Би-би-си“.

И покрај релативно скромниот јануарски вкупен износ, сезоната 2023/2024 уште има второ најголемо вложување за трансфери досега, со 2,5 милијарди фунти издвоени во двата преодни рока (летен и зимски), по рекордните трошоци на клубовите лани во летото.

Други значајни бројки вклучуваат: трошоците во англиската фудбалска лига (ЕФЛ) паднаа на 15 милиони фунти во споредба со 25 милиони во јануари 2023 година, трошењето низ другите од петте најсилни домашни фудбалски првенства во Европа (во Италија, Шпанија, Франција и во Германија) се зголеми на 388 милиони фунти од 218 милиони фунти во јануари 2023 година (162 милиони фунти Лига 1, потоа 100 милиони фунти Премиер-лигата, 85 милиони Серија А, 70 милиони во Бундеслигата и 70 милиони фунти во Ла лига), пишува „Би-би-си“.
– По рекордното трошење во претходните три трансфер-периоди, трошењето на клубовите од Премиер-лигата овој јануари е намалено. Повнимателниот пристап веројатно е поттикнат од високото ниво на трошење инвестирано во текот на летниот преоден рок, но можеби е под влијание и на зголемената свест за финансиските регулативи на Премиер-лигата и потенцијалните последици од неусогласеноста. Обезбедувањето на најквалитетните таленти останува клучна за клубовите од Премиер-лигата, но видовме во овој преоден рок дека задржувањето е од поголем приоритет отколку привлекувањето – вели Тим Бриџ, водечки партнер во „Спорт бизнис група“ на „Делоит“, пренесе „Би-би-си“.

Постојат и други фактори што можеби помогнале да се намали трошењето, вклучувајќи: тивок месец во странските лиги; новата контрола на трошоците на УЕФА сезонава, клубовите што се натпреваруваат во Европа мора да ги ограничат трошоците на 90 отсто од приходите на клубот, намалувајќи се на 70 проценти до 2025 година; само две промени на тренери сезонава, во споредба со 11 лани, значи помалку нови тренери бараат да доведат играчи; два големи преодни рока во низа, што значи дека тимовите се природно посилни и затоа не бараат значителни инвестиции; трошењето обично е помало во јануари, рекордното трошење во 2023 година е исклучок наместо правило во споредба со трошењето во претходните преодни рокови; појавување на млади играчи, клубовите повеќе ги користат своите академии наместо да ангажираат таленти, пишува „Би-би-си“.

Потпишувањето на Тотенхем со романскиот дефанзивец Раду Драгушин за 25 милиони фунти беше најголемата зделка во јануарскиот преоден рок, а од заемите од висок профил се преселбата на Калвин Филипс од Манчестер сити во Вест Хем, на Џејсон Санчо во Борусија Дортмунд од Манчестер јунајтед и на Ерик Даер од Тотенхем во Баерн, пишува „Би-би-си“. Н.М.