Европа ќе ја претставуваат актуелниот првак на ова натпреварување, Магдебург, европскиот првак Барселона, вицешампионот Киелце и победникот на Европската лига, Бенфика (дебитант)

РАКОМЕТ – СУПЕРГЛОУБ

Шеснаесеттото издание на Суперглоуб-турнирот за мажи, кој се смета за неофицијално Светско клупско првенство (СП) во организација на Светската ракометна федерација (ИХФ), ќе се одржи од 18 до 23 октомври, со учество на рекордни 12 екипи од целиот свет. Ова ќе биде третпат домаќин да биде Саудиска Арабија. Ќе настапат екипи од пет континенти.
Ждрепката за ова издание на Суперглоуб беше влечена во Монтре, Швајцарија, 12-те клуба беа поделени во четири групи. Актуелниот шампион Магдебург, кој се пласира како минатогодишен лауреат, ќе игра во групата А заедно со австралиски Сиднеј и Халеј од Саудиска Арабија.
Победникот на Европската лига за мажи, Бенфика, кој е и дебитант во ова натпреварување и наедно прв клуб од оваа држава што ќе учествува на Суперглоуб, ќе игра во групата Б со домаќинот Мудар и со Ал Ахли од Египет. победник на Суперкупот на Африка.
Во групата Ц ќе настапи бразилски Таубате, победникот на клупското првенство на Јужна и Централна Америка, кој учествува седми пат на Суперглоуб, а во таа група се и полски Киелце, вицешампионот во европската ЛШ, кој доби вајлд-карта, и Ал-Кувајт, победник на шампионатот во Азиската клупска лига, исто така дебитант.
Европскиот првак, шпанска Барселона, која важи за прв фаворит во групата Д, ќе игра против дебитантите, мексикански Министрос, кој е шампион на Северна Америка и Карибите и Есперанс од Тунис, победник на арапскиот шампионат. Само првопласираните екипи во секоја група одат во полуфиналето на 22 октомври, а финалето е закажано следниот ден.
Се очекува настап на неколку ѕвезди од висок профил. Најмногу титули досега освои Барселона, пет, Фуксе Берлин и Сиудад Реал имаат по две, Ал Сад, Кил, Магдебург, Атлетико Мадрид и Кантабрија по еднаш. Поради пандемијата на ковид-19, ова натпреварување не се одржа во 2020 година. Г.И.