Иако многу класични екипи може да паднат на ум кога ќе се зборува за најсилна европска одбрана, единствениот клуб на континентот што уште не примил ниту еден гол сезонава е далеку од познато име. Шпанскиот второлигаш Бургос направи извонреден почеток на сезоната, во која, и покрај тоа што имаше шест ремија без голови (вкупна гол-разлика 6-0), се наоѓа на два бода до првото место по 10 кола. Притоа собори еден рекорд, израмни уште еден, 52-годишен, а на три меча е до трет рекорд, стар 21 година

Ретко може да се случи 36-та минута од фудбалски натпревар да се прославува како што се прослави на стадионот „Ел Плантио“. За време на импресивната победа со 3-0 над лидерот во Втората шпанска лига, Алавес, во саботата, голманот на Бургос, Хозе Антонио Каро, го надмина шпанскиот рекорд на поранешниот голман на Барселона, Клаудио Браво, од 755 минути без примен гол од почетокот на сезоната.
– Бевме нервозни додека го чекавме тоа. Кога го поставивме рекордот, целиот стадион аплаудираше, го имавме бројот на семафорот и во второто полувреме можевме да го задржиме рекордот во наши раце. Тоа беше фантастичен меч и фантастична ноќ за нас, но и за навивачите – изјави за „Би-би-си“ Мичу, спортскиот директор на Бургос и поранешен напаѓач на Свонси.
Иако многу класични екипи може да паднат на ум кога ќе се зборува за најсилна европска одбрана, единствениот клуб на континентот што уште не примил ниту еден гол сезонава е далеку од познато име. Шпанскиот второлигаш Бургос направи извонреден почеток на сезоната, во која, и покрај тоа што имаше шест ремија без голови (вкупна гол-разлика 6-0), се наоѓа на два бода до првото место по 10 кола.
– Размислуваме за опстанок. Знаеме дека ни требаат 50 бода, а имаме 18. Но во фудбалот и во животот сѐ е во сонувањето. Опстанокот е целта, но секако дека сонуваме како и сите тимови – вели 36-годишниот Мичу, кој е во Бургос од 2019 година.

Во средата, непобедените црно-бели ја совладаа и Андора, на гости, со 1-0, по што имаат 900 минути без примен гол сезонава (таа бројка е уште поголема, 1.107 минути, ако се вклучи крајот на минатата сезона, во која Бургос беше на 11-то место во нивната прва сезона во професионалниот фудбал по 20 години). Со тоа, голманот Каро го израмни рекордот во Втората лига од 10 последователни мечеви без примен гол во текот на една сезона, поставен пред 52 години од голманот на Сан Андрес, Франциско Ромеро. Сега следен е шпанскиот рекорд од 13 меча без примен гол, кој го држи поранешниот голман на Атлетико Мадрид, Абел Ресино, во сезоната 1990/91.
Додека одбранбените способности на тимот блеснаа во воведните натпревари, убедливата победа над Алавес, кој ги помина изминатите шест години во Ла лига, покажа дека Бургос има сила и во нападот.
– Поблиску сме до Ла лига отколку до испаѓање и за пет години можеме да бидеме во Ла лига ако продолжиме да правиме навистина добри работи. Клубот работи добро, играчите прават одлични работи, па ако можеме да ја продолжиме оваа динамика на многу натпревари, зошто да не? Можеме да го направиме тоа. Ние сме мал клуб и ако сте играч тука, навивачите ќе се гордеат со вас. Сите даваат сѐ од себе, а ние создаваме атмосфера и тоа можете да го видите на теренот – вели Мичу.
Мичу, кој му помогна на Свонси да го освои Лига-купот во 2013 година, се пензионира на 31 година во 2017 година поради повреда на зглобот.
– Многу ми недостига фудбалот, но имам среќа бидејќи да се работи во фудбал е тешко кога ќе ја завршите кариерата. Кога почнаа болките во глуждот, почнав да учам фудбал. Кога си играч, не знаеш за сите работи околу фудбалот. Сопствениците ми дадоа голема доверба и имам доверба во играчите. Тоа е мал клуб, но тоа е семеен клуб и, за мене, тоа е клучот на овие резултати. Ние сме семејство тука и играчите даваат сѐ на теренот. Ние сме навистина горди на нив – вели Мичу.
Останува да се види дали ќе се материјализира невидениот почеток на Бургос, кој никогаш не го достигнал врвното ниво на шпанскиот фудбал.