Честитки до моите ракометари за победата и за нивниот однос кон натпреварот. Чест и задоволство ми е да водам ваква квалитетна репрезентација со која ќе напредуваме во иднина. Тешко е да се држи екипата мотивирана при водство од 11 гола, но, сепак, бев играч и го разбирам тоа. Во вториот дел ни падна ритамот и се случија грешки што не смеат да се повторат во следните квалификациски мечеви против посилните селекции, вели селекторот Лазаров

РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА СО ПОБЕДА НАД ЛУКСЕМБУРГ ГИ ПОЧНА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2024

Македонската ракометна репрезентација, во видно подмладен состав, со победа на мечот со Луксембург во Скопје, со 38-24 (18-7), ги почна квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија. Првото полувреме беше подоминантно, триумфот ниту во еден момент не доаѓаше во прашање, а највисоката предност изнесуваше 13 гола.
– Честитки до моите ракометари за победата и за нивниот однос кон натпреварот. Чест и задоволство ми е да водам ваква квалитетна репрезентација со која ќе напредуваме во иднина. Тешко е да се држи екипата мотивирана при водство од 11 гола, но, сепак, бев играч и го разбирам тоа. Во вториот дел ни падна ритамот и се обидов да им кажам да го искористиме полувремето за тренинг, но се случија грешки што не смеат да се повторат во следните квалификациски мечеви против посилните селекции – рече Лазаров.
По победата во Скопје, мислите сега се насочени кон репрезентацијата на Турција и вториот натпревар од квалификациите, в недела, во градот Ван, од 16 часот.

– Мислам дека тој меч со Турција е најважен за нас во овие квалификации – рече Лазаров.
На мечот со Луксембург најефикасни беа Филип Кузмановски, Цветан Кузмановски и Мартин Серафимов, кои по пет пати ја затресоа противничката мрежа, по четири гола постигнаа Игор Ѓоргиев и Филип Талески, првиот голман на репрезентацијата Никола Митревски имаше осум интервенции, а Марко Кизиќ шест. Кај противникот се истакнаа Феликс Вердел, Јан Хофман и Бен Вејер со по четири погодоци.
Задоволство по победата над Луксембург изрази левиот бек Филип Талески.
– Голем процент од она што го договоривме пред натпреварот го исполнивме. Сепак, како што истакна и селекторот, не смее да си дозволиме пад во играта, како во второто полувреме, и да му дозволиме на противникот да се врати во игра, оти ќе нѐ чини многу против посилните противници. Против Турција треба да одиме со студени главни и да продолжиме да работиме – рече Талески.
Лазаров им даде шанса на сите ракометари да влезат во игра, а во оваа подмладена репрезентација деби-гол постигнаа Марко Стојковиќ и Иван Џонов.
Другите две репрезентации од групата еден, Португалија и Турција, играа синоќа. Двете најуспешни селекции од секоја од осумте групи патуваат на ЕП 2024 заедно со четирите најдобри третопласирани селекции. Домаќинот Германија и носителите на медали од претходното ЕП 2022, Шведска, Шпанија и Данска, веќе обезбедија учество на првенството. Г.И.


Македонија најефикасна по првиот ден

Во првиот ден од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2024 година во ракомет се одиграа осум натпревари и сите домашни селекции забележаа победи. Вчера требаше да се одиграат уште седум во рамките на првото коло. На првиот ден немаше изненадувања, а единствено блиску до освојување еден бод беше Грузија, која на гостувањето загуби од Швајцарија со 23-24. Селекциите на Србија, Хрватска, Црна Гора, Чешка, Исланд и на Унгарија беа сигурни во дуелите со своите противници. Македонија постигна најмногу голови (38) и истовремено оствари втора најубедлива победа во првиот ден, со 14 гола разлика.