Фото: Официјална Фејсбук-страница на Пеле

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Бразилецот Едсон Арантес до Насименто, попознат како Пеле, почина во четврток на 82-годишна возраст, а неговото заминување потсети нa изјави на претседатели, рок ѕвезди и уметници, кои имаа можност да го запознаат единствениот фудбалер во историјата со освоени три светски титули.

-Апсолутно сите сакаа да се ракуваат и фотографираат со него. Да речеш дека си се забавувал со Пеле беше најголема чест – рече во една прилика легендарниот фронтмен на Ролинг Стоунс, Мик Џегер.

Фудбалскиот свет се збогува со Пеле: Кралот промени сѐ, фудбалот се претвори во уметност

-Да се гледа како игра значеше да се гледа одушевено дете во комбинација со извонредна грациозност на возрасен човек – рече за легендарниот Бразилец, јужноафриканскиот борец за човекови права и поранешен претседател на Јужна Африка, Нелсон Мандела.

-Моето име е Роналд Реган, јас сум претседател на Соединетите Американски Држави. Но, ти не треба да се претставуваш, бидејќи сите знаат кој е Пеле – беа зборовите со кои поранешниот американски претседател Реган го пречека Пеле на Белата куќа во 1982 година.

Неговата прва посета на Белата куќа се случи во 1973 година кога се сретна со Ричард Никсон, кој една година подоцна беше принуден да поднесе оставка. Со текот на годините Пеле имаше средби и со американските претседатели Џералд Форд, Џими Картер, а пред неколку години и со Барак Обама.

Американскиот актер и хип-хоп пејач Вил Смит, исто така, му одаде почит на Пеле.

-Најголемиот кој некогаш тоа го направил. Почивај во мир кралу Пеле – напиша Смит на социјалните мрежи на заедничка фотографија со легендарниот фудбалер.

Прославениот американски актер Силвестер Сталоне имаше можност да глуми со Пеле во филмот „Победа“ од 1981 година, а Пеле на холивудската ѕвезда му повреди прст од раката додека изведуваше пенал при снимањето на филмот „Бегство во победа“.

-Пеле Велики, почивај во мир! Ова беше добар човек – напиша Сталоне.

-Налголемиот игра во историјата беше Алфредо ди Стефано. Одбивам да го класифицирам Пеле како играч. Тој беше над тоа – рече славниот унгарски фудбалер Ференц Пушкаш.

Легендарниот холандски фудбалер и тренер Јохан Кројф за Пеле рече дека тој е „единствениот фудбалер кој ги минал границите на логиката“, додека славниот португалскиот фудбалер Еузебио во една прилика го спореди Пеле со Бог. „Постои Пеле човек, а потоа Пеле играч. Да играш како Пеле значи да играш како Бог“.

-Кралот на фудбалот нè напушти, но неговото наследство никогаш нема да биде заборавено – напиша Мбапе.