ФУДБАЛ
В четврток е првиот меч, Парагвај – Перу, со кој ќе почнат квалификациите во Јужна Америка за пласман на СП 2026. Во октомври е предвиден почетокот на квалификациите во Азија, еден месец подоцна во Африка, в година треба да се игра во Северна Америка (од март) и во Океанија (од септември), а во 2025 година во Европа (од март). Низ континенталните квалификации ќе бидат одредени 46 учесници, а уште два преку плејоф-турнирот на ФИФА, на кој ќе играат две селекции од Северна Америка и по една од Азија, Африка, Јужна Америка и од Океанија
Квалификациските мечеви за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година ќе почнат неделава, а мечот Парагвај – Перу е првиот натпревар на долгиот пат до Мундијалот во Канада, Мексико и во САД. На стадионот „Антонио Аранда“, на брегот на реката Парана, до соседен Бразил, во југоисточен Парагвај, в четврток ќе почнат квалификациите за настап на СП 2026. Подоцна истата вечер, само 263 дена откако го освоија трофејот во Доха, фудбалерите на Аргентина ќе ја почнат одбраната на титулата со мечот со Еквадор во Буенос Аирес. Прелиминарните натпревари во Африка и во Азија, исто така, ќе почнат пред крајот на годината, а во Европа во 2025 година. Во продолжение краток преглед на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за претстојните квалификации.
АЗИЈА: Рекорден број репрезентации од Азија, осум, ќе настапат на СП 2026, со можност и за девет, откако една ќе игра во интерконтинентален плејоф. Првото коло од квалификациските натпревари е закажано за октомври годинава. Дваесет селекции ќе се натпреваруваат, а победниците на десетте двојки ќе им се придружат на 26 други репрезентации во второто коло. Вкупно ќе има пет квалификациски рунди за да се утврдат осумте директни патници на СП 2026.
АФРИКА: Од Африка ќе има девет репрезентации на СП 2026, а уште една ќе игра во плејоф. Квалификациите треба да почнат на 13 ноември годинава. Вкупно 54-те репрезентации ќе се натпреваруваат во девет групи, а секој од победниците на групите ќе се пласира на СП 2026. Четирите најдобри второпласирани ќе играат во плејоф-фазата за да се одреди единствениот претставник во интерконтиненталниот плејоф-турнир на ФИФА.
СЕВЕРНА АМЕРИКА: Три сигурни учесници има Северна Америка, домаќините Канада, Мексико и САД, ќе има уште три, а две селекции ќе играат во плејофот. Квалификацискиот турнир треба да почне во март в година. Четирите најслаборангирани селекции ќе играат поделени во две двојки, а победниците ќе се пласираат во вториот круг, каде што вкупно 30 репрезентации ќе се натпреваруваат во шест групи. Победниците и второпласираните ќе поминат во следното коло, во три групи, победниците ќе се играат на СП 2026, а двете најдобри второпласирани во плејофот.
ЈУЖНА АМЕРИКА: Шест репрезентации на СП 2026 ќе има Јужна Америка и една што ќе игра во плејофот. Квалификациите треба да почнат в четврток. Десет репрезентации ќе се натпреваруваат во една лига, најдобрите шест ќе се пласираат на Мундијалот, а седмопласираната ќе игра на плејоф-турнирот на ФИФА.
ОКЕАНИЈА: Првпат Океанија ќе има загарантирано место на СП, а ќе има и една што ќе игра во интерконтиненталниот плејоф. Првата од трите прелиминарни рунди, во која ќе играат четирите најслаборангирани селекции, треба да се одржи во септември в година. Втората фаза, која вклучува две групи со по четири селекции ќе се игра во текот на двата месеца потоа, пред решавачкото трето коло во март 2025 година, во кое ќе играат четири репрезентации во полуфинале и финале.
ЕВРОПА: На СП 2026 од Европа ќе има 16 репрезентации. Квалификациите треба да почнат во март 2025 година. Во првиот круг ќе има 12 групи со по четири или пет репрезентации, а победниците ќе обезбедат пласман на СП. Преостанатите четири места ќе бидат одредени со плејоф со 16 репрезентации, во кој ќе учествуваат 12-те второпласирани во групите и четири најдоброрангирани победници на Лигата на нациите.
ПЛЕЈОФ: На плејоф-турнирот на ФИФА ќе играат шест репрезентации, кои ќе играат за последните две места на 23-то СП. На тој турнир ќе учествуваат две селекции од Северна Америка и по една Азија, Африка, Јужна Америка и од Океанија. Четирите најслаборангирани селекции ќе се сретнат во полуфиналето. Двете највисокорангирани репрезентации ќе одат директно во финалето. Победниците од двете финалиња ќе играат на СП 2026.