Бугарска етноцидна акција за спречување на резолуцијата за одбележување на македонското наследство во САД

Официјална Софија будно ја следи секоја македонска активност и со сите сили се обидува да спречи каква било промоција на македонскиот јазик, култура и идентитет секаде во светот, претставувајќи ги како бугарски. Затоа и беше толку жестока бугарската реакција на резолуцијата усвоена во германскиот Бундестаг за македонскиот јазик, култура и идентитет, со констатација дека е непријателски чин насочен кон Бугарија. Слична резолуција беше најавена и во францускиот парламент, но очигледно бугарската дипломатска мрежа извршила притисок кај својот традиционален сојузник да не се случи тоа, па затоа повеќе никој не говори за ваква резолуција

Додека „тешката артилерија“ на дел од меѓународна заедница е мобилизирана да врши притисок врз Македонија да ги направи уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот, изразувајќи надеж дека тоа ќе биде последното бугарско барање, официјална Софија со најновите потези јасно става до знаење дека уставните измени се само зрнце во песокот на нови бугарски условувања што ќе следуваат во текот на целиот преговарачкиот процес, сè додека не се избрише секаква македонска трага без оглед каде и да е оставена.
Неодамна републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон, подготви резолуција со која септември требаше да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство во САД, со кој ќе се слават јазикот, историјата, културата на македонските Американци.

Летален удар на меѓународното право и меѓународната заедница е што Бугарија не признава македонски народ и јазик

Иако дел од македонските политичари и натаму упорно повторуваат дека македонскиот јазик бил зацементиран, бугарската опструкција на оваа резолуција на сенаторот Брон покажува дека Бугарија никогаш и никаде нема да прифати посебен македонскиот јазик, идентитет и култура.
– МНР знае за резолуцијата од првиот ден на нејзиното предлагање. Сме презеле дејствија, имаме голема активност и од амбасадорот и од генералниот конзул, кои веќе разговарале, вклучувајќи и со сенаторот што ја поднел резолуцијата. Започната е процедура, ве уверувам дека ќе направам сè што е можно оваа резолуција да нема каков и да било крај, таа едноставно не треба да биде усвоена – изјави бугарската министерка за надворешни работи Марија Габриел, јасно истакнувајќи дека Бугарија нема намера да отстапува од „својата култура, јазик и идентитет“.

Од нејзината изјава може јасно да се воочи дека официјална Софија будно ја следи секоја македонска активност и со сите сили се обидува да спречи каква било промоција на македонскиот јазик, култура и идентитет секаде во светот, претставувајќи ги како бугарски.

Затоа и беше толку жестока неодамнешната бугарска реакција на резолуцијата усвоена во германскиот Бундестаг за македонскиот јазик, култура и идентитет, со констатација дека е непријателски чин насочен кон Бугарија. Слична резолуција беше најавена и во францускиот парламент, но очигледно бугарската дипломатска мрежа извршила притисок кај својот традиционален сојузник да не се случи тоа, па затоа повеќе никој не говори за ваква резолуција.

Фото: Игор Бансколиев

Сето ова јасно упатува на единствениот сосема логичен заклучок, дека Бугарија нема да се задоволи само со внесување на Бугарите во македонскиот устав, туку тоа ќе биде само вратата преку која целосно ќе започне процесот на асимилација затскриен зад пристапните преговори со ЕУ и тој процес ќе ги опфати и Македонците низ светот.
Од тие причини е реакцијата на мнозинството македонски граѓани, интелектуалци, експерти и преостаната јавност, кои предупредуваат дека Софија нема чесни намери кон земјава, а тоа го демонстрира на секој чекор, па дури и на другите континенти спречувајќи какво било одбележување на македонската култура и јазик.

Иако станува збор за крајно геноцидни и етноцидни политики на земја-членка на ЕУ, Унијата продолжува да го толерира тоа и да притиска Македонија доброволно да прифати да ги избрише идентитетот, јазикот и културата на државотворниот македонски народ и да ги замени со бугарскиот. Овој притисок се врши сега и врз стратегискиот партнер САД, да се покаже дека и на американскиот континент постојат само Бугари, но не и Македонци.

Македонија треба пластично да ја запознае меѓународната заедница со бугарските негаторски активности

За поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски нема никаква дилема дека Софија јасно ги демонстрирала своите намери кон Македонија.
– Тоа јасно ги разоткрива намерите на бугарската страна. Што има некому да му пречи да се слави чија било етничка култура, јазик и традиции – прашува Боцевски.

Тој не очекува оваа бугарска опструкција да помине во САД бидејќи Американците имаат поинаков начин на однесување и прифаќање на нештата, за разлика од Бугарија, која и во 21 век останува заробена во минатото. Според него, македонската страна мора да ја алармира меѓународната јавност за активностите на Бугарија, наместо истата таа меѓународна заедница да ја притиска Македонија на нови отстапки.
– Нема шанса овие нивни намери да се реализираат затоа што во САД нештата поинаку функционираат, но ова треба да биде „аларм за будење“, ова треба да биде аргумент на Македонија пред сите меѓународни форуми – истакнува Боцевски.

Првиот човек на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, воопшто не е изненаден од бугарските опструкции на резолуцијата во Илиноис, со која септември треба да биде прогласен за месец на американско-македонското наследство.
– Бугарија е создадена на антимакедонска основа и затоа за очекување е Софија и дома и во светот да ги негира името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ. За Софија, Македонците се Бугари, Македонија е втора бугарска држава, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, Бугарија не ја окупирала, туку ја администрирала територијата на Македонија за време на Втората светска војна, бугарските фашистички злосторства се граѓанска војна помеѓу левите и десните… Оттука доаѓа и бугарската агресија против донесувањето на резолуцијата во државата Илиноис за прогласување на септември за месец на американско-македонското наследство – вели Петров.

Тој, исто така, се согласува дека Бугарија нема да испорачува нови услови кон Македонија во преговарачкиот процес со ЕУ бидејќи претходно ги внела сите можни услови во таканаречениот „француски предлог“.
– На Софија не ѝ требаат нови услови против Македонија и македонскиот народ. Софија сите свои услови ги вгради во француската преговарачка предлог-рамка, оваа рамка ја ратификуваа сите парламенти на земјите-членки на Европската Унија и затоа Бугарија денес вели дека Македонија треба да постапи по преговарачката рамка на Европската Унија, а не по барањата на Софија. Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, и натаму бараат итно и безусловно еднострано раскинување на договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година и итно и безусловно распуштање на македонско-бугарската меѓувладина комисија за ревизија на македонската историја! Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, предлагаат македонско-бугарско помирување и договор за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи – порачува Петров.

И повеќе други соговорници сметаат дека она што пред некој ден го кажа бугарската министерка за надворешни работи Габриел, за нивните активности за спречување на резолуцијата за славење на македонското наследство во САД, е рамно на етноцид.
– Бугарија е земја-членка на ЕУ, а таа како таква не дозволува да се слават различностите на нејзина територија. Но да спречуваш други земји да го прават тоа, тоа е надвор од секаков демократски разум. Нејзиниот однос и позиција кон Македонија се јасни, нема Македонци, нема македонски јазик, македонската историја е бугарска. Тоа се обидуваат да го наметнат секаде во светот и нивната дипломатска мрежа работи на ширење на оваа идеја. Никој не треба да има илузии дека ако ги внесеме Бугарите во Уставот веќе нема да има нови пречки. Напротив, утре повторно ќе биде оспорен македонскиот јазик, народот, ќе се интервенира во нашата историја. Агонијата никогаш нема да престане, а некој тука ќе продолжува да нè убедува дека нема друга алтернатива. ЕУ е наша цел, но не по цена да нè снема како народ – посочуваат нашите соговорници.