ФУДБАЛ – ТРКА ЗА ЕВРОПСКИ МЕСТА ВО ИДНАТА СЕЗОНА
Победникот на Конференциската лига ќе ѝ донесе на својата земја и осми учесник во идната фудбалска сезона на европските клупски натпреварувања. Денеска во финалето играат италијанската Фиорентина и англискиот Вест хем, и двата клуба сезонава низ домашното првенство не обезбедија настап во европските купови во следната сезона, но тој што ќе триумфира во финалето ќе се пласира во групната фаза на Лига Европа во идната сезона. Згора, таа земја ќе има осум тима во европските купови во новата сезона, колку што веќе има Шпанија.
Од Италија пласман во Европа обезбедија Наполи, Лацио, Интер, Милан (во Лигата на шампионите), Аталанта, Рома (во Лига Европа) и Јувентус (во квалификациите за Конференциската лига). Од Англија, пак, тоа се Манчестер сити, Арсенал, Манчестер јунајтед, Њукасл (во Лигата на шампионите), Ливерпул, Брајтон (во Лига Европа) и Астон вила (во квалификациите за Конференциската лига).
За идната сезона Шпанија веќе обезбеди осум тима во европските купови, и тоа Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Сосиедад и Севилја во Лигата на шампионите, потоа Вилјареал и Бетис во Лига Европа, како и Осасуна во квалификациите за Конференциската лига.