Најефикасен досега е Гираси (14 гола, има и една асистенција во девет кола), а со најголемо учество во постигнувањето голови, во вкупно 17, е Кејн (Баерн, 12 гола и пет асистенции). На ефикасната листа со висок просек се и Холанд (Манчестер сити), Мартинез (Интер) и Мбапе (ПСЖ). Уште шест фудбалери учествуваа во најмалку еден погодок по натпревар, заедно со асистенциите

ВО ПЕТТЕ НАЈСИЛНИ ЛИГИ ВО ЕВРОПА

Пет фудбалери од четири од петте најсилни домашни фудбалски првенства во Европа по два месеца и околу една четвртина од сезоната имаат просек од барем еден постигнат гол во секое коло, а уште шестмина учествуваа во најмалку еден погодок по натпревар, заедно со асистенциите.
Најефикасен досега е Серху Гираси (Штутгарт), кој постигна 14 гола во досегашните девет кола во првенството на Германија, а на тоа додаде и една асистенција. Со најголемо учество во постигнатите голови на една екипа, во вкупно 17, е Хари Кејн (Баерн), кој во деветте кола, покрај 12-те гола забележа и пет асистенции.
Со по 11 гола зад своето име сезонава се Ерлинг Холанд (Манчестер сити) и Лаутаро Мартинез (Интер), двајцата со по 10 кола во првенството на Англија, односно во Италија (Холанд додаде и две асистенции, а Мартинез една), а Килијан Мбапе (ПСЖ), во 10-те кола во Франција постигна 10 погодока и една асистенција.
Мохамед Салах (Ливерпул) ги предводи фудбалерите со учество во најмалку еден погодок по натпревар, заедно со асистенциите, откако тој забележа осум погодока и четири асистенции во досегашните 10 кола првенството на Англија. Истиот вкупен ефект, 12, го има и Џуд Белингем (Реал Мадрид), но со 10 гола и две асистенции по 11 кола во Шпанија.
Учество во по 10 гола за своите екипи имаат Лоис Опенда (Лајпциг, осум гола, две асистенции во девет кола во Германија), Лирој Сане (Баерн, осум погодока, две асистенции, девет кола во Германија), Виктор Бонифејс (Баер, седум гола, три асистенции, девет кола во Германија) и Оли Воткинс (Астон вила, по пет погодока и асистенции во 10-те кола во Англија). Н.М.


ФУДБАЛЕРИ СО НАЈВИСОК ПРОСЕК ГОЛОВИ СЕЗОНАВА

ИМЕ И ПРЕЗИМЕ КОЛА ГОЛ. АС.
Серху Гираси (Штутгарт) 9 14 1
Хари Кејн (Баерн) 9 12 5
Ерлинг Холанд (Манчестер с.) 10 11 2
Лаутаро Мартинез (Интер) 10 11 1
Килијан Мбапе (ПСЖ) 10 10 1
неофицијална листа со фудбалери од
најсилните пет првенства во Европа