Направени се вкупно 5.073 меѓународни трансфери на фудбалери и на фудбалерки, што е уште едно зголемување во споредба со претходниот рекорд поставен во јануари 2023 година. Вкупните вложувања на клубовите за трансферните такси достигнаа 1,46 милијарда долари за фудбалери, втора најголема сума досега во кој било јануарски преоден рок, а рекорд имаше кај трансферите на фудбалерки, со 2,1 милиони долари, 2,5 пати повеќе од сумата потрошена во јануари лани, пишува ФИФА

ФУДБАЛ – ФИФА

Вкупно 4.716 меѓународни трансфери беа реализирани во фудбалот за мажи за време на јануарскиот преоден рок годинава, што е уште едно зголемување, од 0,6 отсто во споредба со претходниот јануарски преоден рок, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Во фудбалот за жени, трошоците за трансфери достигнаа нов рекорд со 2,1 милиони долари, што е за 165,5 проценти повеќе отколку во јануари 2023 година. Вкупниот број меѓународни трансфери на фудбалерки остана релативно стабилен, со 357 трансфери преку границите, што е зголемување од 0,3 отсто во споредба со јануари 2023 година.
Генерално, бројот на меѓународни трансфери не се промени многу, но, сепак, во професионален фудбал и за мажи и за жени трендот на пораст продолжи, пишува во извештајот на ФИФА.
Со вкупни вложувања во трансфер-такси од 1,46 милијарда долари за фудбалери за време на јануарскиот преоден рок годинава, вкупниот расход на клубовите е 8,2 отсто помал од рекордното трошење забележано во јануари 2023 година, но, сепак, второто највисоко ниво досега, пишува Светската фудбалска федерација.
Француските клубови се на врвот на табелата за вложувања за меѓународни трансфери на фудбалери во јануари годинава, со вкупен расход од 291,9 милиони долари, што е повеќе од двојно од ланскиот зимски преоден рок, а јануарските трошоци на англиските клубови се намалија за речиси 80 отсто во споредба со нивната рекордна потрошувачка во јануари 2023 година, но, сепак, нивниот вкупен збир е втор највисок од сите асоцијации, пишува Светската фудбалска федерација.
Листата на дојдовни трансфери за фудбалерки заеднички ја предводеа Англија и Шпанија, со по 29 меѓународни трансфери, а Шведска и САД беа заеднички први на табелата за излезни трансфери, со по 30.
Ова е четврта последователна година како Светската фудбалска федерација објавува ваква слика веднаш по завршувањето на меѓународниот јануарски преоден рок, давајќи преглед на глобалните трансфери во кои се вклучени и фудбалери и фудбалерки, пишува ФИФА, која најави дека ќе го објави следниот извештај во септември 2024 година по завршувањето на летниот преоден рок годинава. Н.М.