Фото: Игор Бансколиев

Првиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија во јубилејните 15-ти квалификации (осми за европските првенства, а има и седум за светските шампионати), овој пат за континенталното првенство в година во Германија, е закажан за в четврток, со Малта, во Скопје, во групата Ц, во која се и финалистите на претходното европско првенство, актуелниот првак Италија и Англија, како и Украина. На ЕП 2024 ќе се пласираат по две најдобри репрезентации од секоја од 10-те квалификациски групи

ФУДБАЛ

Македонската фудбалска репрезентација синоќа ги почна подготовките за првиот меч, в четврток, со Малта, во Скопје, за јубилејниот 15-ти квалификациски циклус за пласман на големо натпреварување, овој пат за Европското првенство (ЕП) в година во Германија.
Селекторот Благоја Милевски мината недела го објави списокот со 28 фудбалери за дуелот со Малта и за тест-мечот со репрезентацијата на Фарски Острови, во Скопје, в понеделник.

– Поквалитетни сме од Малта, но треба да го докажеме тоа. Аутсајдери денеска не постојат. Ќе направиме сѐ за да тргнеме успешно во евроквалификациите. Имаме тешки противници, но имаме квалитет и потенцијал да се носиме. Нема предавање, а секогаш првиот меч ни е најважен. Најважно е сите да се здрави и да се стават во функција на тимот – рече Милевски.
Тоа ќе биде осми настап на Македонија во циклусите за пласман на континентални првенства (има и седум учества во квалификации за светските првенства) и почеток на патот за врзување два настапа на европски шампионат, по дебито во 2021 година. Првиот настап на Македонија во едни квалификации беше за првенството во 1996 година, тогаш во група со Шпанија, Белгија, Данска, Кипар и со Ерменија.
Репрезентацијата на Македонија сега е во групата Ц, во која се и финалистите на претходното Европско првенство, актуелниот првак Италија и Англија, како и Украина. Македонија има три средби со Италија, по една победа, реми и пораз, а победата беше остварена во плејофот за пласман на ланското Светско првенство. Црвено-жолтите и Англија играа четири пати, Македонија нема пораз на гостувањата, по ремијата 2-2 и 0-0, а Англија двапати победи во Скопје. Македонија и Украина играа меѓу себе и во квалификации и во пријателски средби, но беа заедно и во група на дебито на Македонија на Европското првенство во 2021 година (Македонија има по една победа и реми и три пораза).
– Среќни сме што по неколку месеци повторно се собираме со репрезентацијата на Македонија. Почнуваме нов квалификациски циклус и секако дека посакуваме победа над Малта и старт со три бода. За нас е исклучително важно успешно да ги почнеме квалификациите затоа што потоа ни следуваат многу посериозни натпревари во силната група со Англија, Италија и со Украина. Посакувам сите да бидеме здрави и комплетни и верувам дека ќе го дадеме најдоброто од себе. Ќе се обидеме да одиграме одлични натпревари за успешни квалификации по историските резултати во последните години – вели репрезентативецот Езѓан Алиоски.
На Европското првенство в година директен пласман обезбеди домаќинот Германија, а ќе се пласираат и по две најдобри репрезентации од секоја од 10-те квалификациски групи, како и трите победници на плејоф-мечевите во лигите А, Б и Ц во Лигата на нациите.
Засега за настап во плејофот сигурни се репрезентациите на Холандија, Хрватска, Шпанија, Италија (лига А), Израел, БиХ, Србија, Шкотска (лига Б), Грузија, Грција, Турција и на Казахстан (лига Ц), но конечните учесници ќе бидат одредени по завршувањето на квалификациите, бидејќи ако некоја од овие 12 селекции директно се пласира на ЕП низ квалификациите, таа ќе ѝ го отстапи местото во плејофот на следната репрезентација според пласманот во соодветната лига.
Фудбалската федерација на Македонија ја почна продажбата на билетите за натпреварот со Малта, по цена од 200 и од 300 денари. Н.М.


Прв меч со Малта од 2010 година

Фудбалските репрезентации на Македонија и на Малта досега одиграа шест меѓусебни средби, во кои црвено-жолтите имаат пет победи и едно реми, со вкупна гол-разлика 15-2. Дуелот в четврток, во првото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство в година во Германија, ќе биде прв меѓусебен меч на двете репрезентации по речиси 13 години и ремито 1-1 во пријателскиот дуел во Малта, во август 2010 година. Од шесте досегашни средби само две беа во квалификации, исто така за пласман на европско првенство, но за тоа во 2000 година, кога Македонија дома победи со 4-0, а на гости со 2-1.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ

Група А: Шпанија, Шкотска, Норвешка, Грузија, Кипар
Група Б: Холандија, Франција, Р Ирска, Грција, Гибралтар
Група Ц: Италија, Англија, Украина, Македонија, Малта
Група Д: Хрватска, Велс, Ерменија, Турција, Летонија
Група Е: Полска, Чешка, Албанија, Фарски О., Молдавија
Група Ф: Белгија, Австрија, Шведска, Азербејџан, Естонија
Група Г: Унгарија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Литванија
Група Х: Данска, Финска, Словенија, Казахстан, С. Ирска, Сан Марино
Група И: Швајцарија, Израел, Романија, Косово, Белорусија, Андора
Група Ј: Португалија, БиХ, Исланд, Луксембург, Словачка, Лихтенштајн


ГРУПА Ц

Македонија – Малта четврток
Италија – Англија четврток
Англија – Украина недела
Малта – Италија недела
сите мечеви се од 20.45 часот