Фото: Фејсбук/Официјален профил на Јувентус

Италијанскиот фудбалски гигант Јувентус може да се соочи со драконска казна поради финансиските малверзации поврзани со трансфери на своите играчи и да биде исфрлен од УЕФА од сите европски натпреварувања, објави денеска весникот „Газета дело Спорт“.

– Казната би стапила на сила во првата сезона во која Јувентус ќе избори пласман во едно од трите клупски натпреварувања во организација на УЕФА (Лига на шампиони, Лига Европа и Конференциска лига). Тоа значи дека доколку Јувентус на крајот на оваа сезона не избори пласман во Европа, казната автоматски ќе се префрли за следната сезона – пишува весникот.

Јувентус во петокот беше казнет со одземање 15 бодови во Серија А поради финансиски малверзации при трансфери на играчи во периодот од 2019 до 2021 година.