Веднаш по секој меч, фудбалерите ќе имаат податоци за движењата при примање топка, дали акцијата за додавање ги пробила противничките линии, притисокот што го извршиле врз противникот со топка, растојанието поминато при различни прагови на брзина, бројот на акциите со над 25 км/ч и максималната брзина, локациите за примање на топката… Овие податоци потоа се синхронизираат со снимка од натпреварот, а достапни ќе им бидат и фотографии од клучните моменти од секој натпревар на СП 2022

Фудбалерите на Светското првенство во Катар годинава ќе можат да добијат увид во нивните перформанси на теренот преку апликацијата ФИФА-плеер, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница. ФИФА ја разви апликацијата врз основа на придонес од професионални играчи, во соработка со ФИФПРО, глобалниот претставник на професионалните фудбалери. Апликацијата ќе се користи првпат на СП 2022.

Анкетата и спроведените интервјуа покажуваат дека играчите се многу заинтересирани за своите податоци за перформансите и сакаат да имаат лесен пристап до овие информации, пишува ФИФА. Апликацијата ќе обезбеди можност за секој играч да пристапи до нивните индивидуални податоци за перформансите кратко време по секој натпревар.

Апликацијата ќе има три дела со податоци. Првите се снимени од тим од високообучени аналитичари на фудбалски перформанси на ФИФА, во комбинација со податоци за следење, како тоа дали играчот се понудил или направил движење за примање топка, дали акцијата за додавање ги пробила противничките линии и за притисокот што го извршиле врз противникот што ја поседувал топката. Потоа се мери растојанието поминато при различни прагови на брзина, бројот на акциите со над 25 км/ч и максималната брзина, сите прикажани на позициските топлински карти.

Играчите ќе имаат увид и за податоци преку развој на серија алгоритми и модели што работат во живо за да интегрираат податоци за настани и за следење, кои обезбедуваат иновативни и возбудливи начини за анализа на играта, вклучувајќи ја фазата на игра, настаните со пробивање на линиите, локациите за примање на топката и притисокот што се применува врз играчот што ја поседува топката, пишува ФИФА.

Овие податоци потоа се синхронизираат со снимка од натпреварот за да им се овозможи на играчите детално да ги гледаат сите клучни моменти од нивната изведба, користејќи различни агли на камерата. Дополнително, на секој поединечен играч ќе му бидат достапни повеќе фотографии направени за време на клучните моменти од секој натпревар на СП 2022, а играчите ќе можат да ги зачувуваат или да ги споделуваат фотографиите на социјалните мрежи, заедно со нивните омилени статистики за натпреварите, директно од апликацијата.

Оваа иновација е прв видлив резултат од соработката помеѓу ФИФА и ФИФПРО за развој на стандарди и најдобри практики за собирање, заштита и употреба на лични податоци за перформансите на играчите. Двете организации тесно соработуваа и минатата недела ја дефинираа Повелбата за правата на податоците за играчите.