ФУДБАЛ

  • Во декември ФИФА изјави дека наградниот фонд за СП 2026 ќе биде за 50 отсто повисок отколку за претходното издание. Сега Светската фудбалска федерација е во преговори со националните асоцијации за зголемување на наградниот фонд, соопшти ФИФА, пренесе „Ројтерс“

Светската фудбалска федерација (ФИФА) е во преговори со националните асоцијации за зголемување на наградниот фонд за сите 48 репрезентации што ќе учествуваат на Светското првенство (СП) годинава, соопшти во неделата глобалното управно тело на фудбалот, пишува агенцијата „Ројтерс“. Предлогот мора да биде одобрен на денешниот состанок на Советот на ФИФА, кој се одржува пред 76. Конгрес на ФИФА во Ванкувер.
Во декември лани ФИФА изјави дека наградниот фонд за годинашното Светско првенство ќе биде за 50 проценти повисок отколку за претходното издание, 655 милиони долари, откако договори рекорден финансиски придонес од 727 милиони долари за турнирот. Сепак, Светската фудбалска федерација изјави за „Ројтерс“ дека понудениот награден фонд ќе се зголеми, при што се предвидува дека светското управно тело ќе надмине 11 милијарди долари приходи во тековниот четиригодишен циклус, од 2023 до 2026 година.
– ФИФА може да потврди дека е во преговори со асоцијации низ светот за зголемување на достапните приходи. Тоа вклучува предложено зголемување на финансиските придонеси за сите пласирани селекции за Светското првенство во ФИФА во 2026 година и на финансирањето за развој достапно за сите 211 асоцијации членки. Светското првенство ќе биде револуционерно во однос на неговиот финансиски придонес кон глобалната фудбалска заедница и ФИФА е горда што е во својата најсилна финансиска позиција досега за да ѝ користи на глобалната игра преку својата програма „ФИФА форвард“ – изјави портпарол на Светската фудбалска федерација, пренесе „Ројтерс“.
Најголемиот дел од почетниот пакет за финансирање на Светската фудбалска федерација за СП 2026, 655 милиони долари, требаше да бидат исплати врз основа на перформансите на 48-те земји учеснички. Во декемвриското соопштение на ФИФА за наградниот фонд пишува дека шампионот ќе освои 50 милиони долари, второпласираниот 33 милиони долари, а 16-те земји што не успеаја да се пласираат понатаму од групна фаза требаше да заработат по девет милиони долари. Дополнително, секоја пласирана репрезентација ќе има право на 1,5 милион долари за покривање на трошоците за подготовки. Н.М.