Фото: Маја Јаневска-Илиева

АТЛЕТИКА

  • Тој беше најбрз на трката на 21 километар, поминувајќи низ целта со време од 1:06,30 час

Најдобриот македонски атлетичар, маратонецот Дарио Ивановски (28) постигна извонреден успех, убедливо освојувајќи го првото место на полумаратонската трка во хрватскиот град Дубровник. Ивановски низ целта помина со време од еден час, шест минути и 30 секунди, второто место му припадна на Хрватот Силвије Томач (1:14,05 час), а трет е неговиот сонародник Жељко Цота (1:14,23 час). Ивановски славеше на овој полумаратон и минатата година, и тогаш со нов рекорд на патеката (1:08,02 час).
Ова е само уште еден доказ дека Ивановски е во одлична форма, откако минатата недела тој го освои второто место на престижниот маратон во главниот град на Србија, Белград, со заостанување од само 24 секунди зад победникот, Гудет Гемсис од Етиопија. Исто така, Ивановски на 21. по ред издание на Визер скопскиот маратон, одржан лани, го освои првото место, поминувајќи ја делницата од 42,195 км за 2:14,50 часа. За него тоа беше втора победа на скопскиот маратон, по успехот што го постигна во 2021 година. Г.И.