Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, постапувајќи по информации добиени од ФБИ, спровел координирана истрага за нелегален онлајн пазар познат како ОЛХВ, при што во полициска акција во тетовското село Голема Речица биле приведени две лица осомничени дека биле администратори на платформата.
Според истрагата, платформата била активна од јули 2023 година и функционирала преку повеќе интернет домени. Содржела база на компромитирани лични податоци за регистрација на сметки на купувачи и продавачи, при што биле евидентирани повеќе од 2.600 кориснички профили и над 1.500 сметки на продавачи.
Вкупната вредност на продадените артикли, според првичните проценки, надминува 500.000 американски долари.
Од МВР информираат дека, врз основа на судска наредба издадена од Основниот суд во Тетово, бил извршен претрес кај осомничените А.Е. (20) и А.И. (23), македонски државјани.
За време на претресот тие биле затекнати на лице место, а полицијата одзела десктоп компјутери, лаптопи и мобилни телефони, кои ќе бидат предмет на понатамошна форензичка анализа и доказна постапка.
Двете лица се лишени од слобода, а Секторот за компјутерски криминал продолжува со активности за целосно расчистување на случајот, идентификација на сите инволвирани лица и обезбедување дополнителни докази согласно законските процедури.


































