Од дуелот Палмеирас - Атлетико МГ - Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС

Аргентинскиот клуб Бока јуниорс дури по изведувањето пенали се пласира во четврт-финалето на годинашното престижно натпреварување Копа Либертадорес, елиминирајќи го уругвајскиот тим Насионал. На првиот меч на гостински терен беше 0-0, а на вториот 2-2, па Бока јуниорс по изведувањето на пеналите славеше со 4-2.
Бока јуниорс двапати водеше, најпрвин со голот на Мигел Мерентиел во 12-та, а потоа со погодокот на Адвинкула во 47-та минута. Насионал не се предаде, па намали преку Треза во 16-та, а израмни во 75-та минута со погодокот на Рамирез, по што следуваше изведувањето пенали. Само Фернандеш беше непрецизен во четвртата серија кај победникот, додека кај спротивниот табор промашија Рамирез, во првата пенал-серија, и Боканегра во третата.
Во четврт-финалето се пласираа уште бразилскиот клуб Палмеирас, кој го елиминира бразилскиот претставник Атлетико МГ (во првиот дуел победи со 1-0, а во реваншот беше 0-0), потоа колумбискиот претставник Переира, по ремито 1-1 на гости кај еквадорскиот клуб Индепендиенте дел Вале и минималниот триумф со 1-0 во првиот натпревар на домашен терен. Г.И.