Фото: Архива

Во прилог на размислувањата на реформите во ЕУ

Во книгата „Теории за европски интеграции“, од проф. д-р Иван Дамјановски, се разработени сите можни теории и сценарија во однос на европските интеграции меѓу кои и федерализмот и федералистичката теорија.
Федерализмот е веројатно најстариот теоретски пристап што се занимава со идејата за европска интеграција. Суштински, може да се констатира дека Европа ја има најстарата филозофска федералистичка традиција, која почнува да се развива пред повеќе од четири века. Вообичаено, постои суптилна разлика помеѓу поимите федерализам и федерација, бидејќи федерализмот претставува идеологија, теоретски пристап што има нормативна мисија да го објасни концептот на федерација, која, пак, е вид организациски принцип, се вели во овој научен труд.
Иако раниот европски федерализам како теорија на интеграција јасно ја поставува крајната цел на интеграцискиот процес т.е. федерација на конститутивни европски нации, сепак постои поделба во рамките на теоретската школа околу тоа како во рамките на овој процес би се постигнала крајната цел. Оттука, би било корисно да се воспостави една двонасочна категоризација на европскиот федерализам. Првата насока е порадикална, додека втората е повеќе од функционална, прагматична природа и е воочлива во таканаречениот „Моне метод“.
– Единствениот европски акт, Европската монетарна унија, Договорот од Мастрихт и Лисабонскиот договор, кои во себе содржат значителни федерални политички аранжмани и како такви, се перципираат како битни чекори кон создавањето на федерална Европа.
Мастрихт воспоставува јасна федерална реторика и неколку нормативи, кои се фундаментални за која било федерална држава. Така, со Мастрихт се воспоставува концептот на европско државјанство, како и принципот на супсидијарност, кој воспоставува процес на реаранжирање на моќта на федерално, државно и н регионално ниво. Од друга страна, самата реторика на договорот од Мастрихт е суштински федералистичка. Оттука, на Европската Унија ѝ недостигаат само две карактеристики за да стане комплетна федерација. Првата е моќ за менување на договорите, која останува во рацете на државите-членки, а втората е немањето заедничка фискална политика – пишува Дамјановски во својата книга „Теории за европски интеграции“.