Фото: ЕПА

Новата сезона на најсилното европско клупско натпреварување ќе биде првата со изменет систем на натпревари и со зголемен број учесници. Во саботата Баер обезбеди место во ЛШ, а во понеделникот и Интер, откако двата тима теоретски не можат да бидат послабопласиран од четвртото место во домашните првенства

ФУДБАЛ – ПО КОЛОТО ШТО СЕ ИГРАШЕ ВИКЕНДОВ

Баер и Интер се првите два тима што обезбедија пласман во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) за идната сезона, по колото што се играше викендов. Новата сезона на најсилното европско клупско натпреварување ќе биде првата со изменет систем на натпревари (нема да има групи, ќе се игра во една лига) и со зголемен број учесници, 36 (наместо како досега 32).
Прв, во саботата, во ЛШ се пласира Баер, водечкиот во германската Бундеслига, кој на седум кола пред крајот на сезоната теоретски не може да биде послабопласиран од четвртото место, оти има 23 бода повеќе од петтопласираниот тим, а во игра се уште 21 бод. Потоа, во колото што се комплетира во понеделникот, Интер обезбеди место во Лигата на шампионите, бидејќи на осум кола пред крајот на сезоната и уште 24 бода во оптек, а води во италијанската Серија А со 27 бода повеќе од петтопласираната Рома и 29 од шестопласираната Аталанта, која има и еден меч помалку.
Од овие две првенства во ЛШ ќе настапат првопласираните четири тима. Во првенствата на Англија, Шпанија и на Франција во моментов помала е разликата од водечките екипи до тимовите што не се на местата што носат пласман во најсилното европско клупско натпреварување.
Директен пласман во новата сезона на Лигата на шампионите ќе обезбедат вкупно 29 клуба, а уште седум ќе се пласираат преку квалификациите (пет од патеката на шампионите и два од патеката на нешампионите). Директно во Лигата на шампионите ќе играат по четири тима од Англија, Шпанија, Германија и од Италија, три од Франција, два од Холандија и по еден од Португалија, Белгија, Шкотска и од Австрија, како и по еден тим од двете најдобри земји на ранг-листата на Европската фудбалска унија (УЕФА), за која се сметаат сите резултати на клубовите во европските купови сезонава. Директно место има и за победниците сезонава во Лигата на шампионите и во Лига Европа. Н.М.