Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, изјави дека не е заинтересиран за европска суперлига по извештаите дека некои елитни клубови разговараат за воспоставување натпреварување со поддршка на глобалното фудбалско тело. Во интервју објавено од весникот на германски јазик „Аргауер цајтунг“ и други регионални швајцарски медиуми, Инфантино рече дека ФИФА е фокусирана на успехот на обновеното Светско клупско првенство, на кое ќе учествуваат 24 екипи и првпат ќе се одржи во Кина во 2022 година, пренесе „Ројтерс“.
– Како претседател на ФИФА, јас сум заинтересиран за клупското СП, а не за суперлига. За мене, не станува збор за Баерн Минхен против Ливерпул, туку за Баерн против Бока јуниорс.

Ливерпул има 180 милиони навивачи во светот. Фламенго има 40 милиони, а 39 милиони од нив се во Бразил. Ливерпул има можеби пет милиони навивачи во Англија и 175 милиони навивачи низ целиот свет. Сакам клубовите надвор од Европа да имаат глобална привлечност во иднина. Тоа е мојата визија, да има 50 клуба и 50 репрезентации што можат да станат светски шампиони – рече Инфантино.
„Скај“ во вторникот објави дека повеќе од 12 екипи од најдобрите пет европски лиги, во Англија, Франција, Германија, Италија и во Шпанија, биле во преговори да станат основачи на новото натпреварување, со привремен датум на почеток во 2022 година, а ФИФА претходно одби да даде коментар, пишува „Ројтерс“.