КФМ објави и дека таа секојдневно ќе ја следи состојбата во државата од здравствен аспект и, во консултации со Комисијата за заразни болести и со Институтот за јавно здравје, по потреба ќе донесе и дополнителни одлуки за почеток и за реализација на понатамошниот тек на натпреварувањето

По две одложувања поради актуелната состојба со пандемијата на коронавирусот, Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) донесе одлука новата сезона во Првата лига за мажи да почне на 31 октомври.
– Раководејќи се според актуелниот здравствен и безбедносен билтен кај клубовите од Првата лига за мажи и имајќи го предвид фактот дека екипите кај кои беа забележани позитивни тестирања од ковид-19 не можеа да го реализираат во целост тренажниот процес пред 21 октомври, раководството на Федерацијата одлучи првото коло од новата натпреварувачка сезона, 2020/2021, да се одигра на 31 октомври. Во таа насока, секој учесник во натпреварувањето пред почетокот на натпреварувањето е должен да потпише изјава-согласност, со која ќе потврди дека ќе ги почитува општите мерки за превенција и заштита од ковид-19, кои важат во делокругот на кошаркарскиот спорт, како и дека ќе ги почитува најавените протоколи за превенција и заштита од ковид-19, од надлежните државни органи и од Федерацијата.

Вклучувајќи ги и посебните мерки за превенција и заштита од ковид-19 наложени од организаторот на натпреварувањата во рамките на федерацијата – пишува во соопштението на КФМ.
Исто така, КФМ нагласува дека секојдневно ќе ја следи состојбата во државата од здравствен аспект и, во консултации со Комисијата за заразни болести и со Институтот за јавно здравје, по потреба ќе донесе и дополнителни одлуки за почеток и за реализација на понатамошниот тек на натпреварувањето.