Кога првпат почнале да продаваат сликички во 1960 година, браќата Бенито и Џузепе Панини никогаш не ни сонувале дека нивната компанија еден ден ќе го добие култниот статус што го ужива и денес. Секои две години, во зависност дали е светско или европско првенство во фудбал, милиони обожаватели со нетрпение чекаат да се појави албумот на „Панини“. Колекционерите сега се подготвуваат за собирање сликички и за дополнителна возбуда со разменувањето, во новата возбудлива страница од приказната на „Панини“, овој пат за ЕП 2020, во која има сликички и од фудбалерите на македонската репрезентација, која ќе дебитира на ЕП

Во италијанскиот град Модена, шеесетина години работи компанијата за производство на спортски сликички „Панини“, која е заслужна за толку многу среќа што им ја донесе на своите фудбалски обожаватели. „Панини“ е „виновникот“ за собирањето сликички на фудбалерите во пресрет на големите натпреварувања, недопрено наследство на еден романтичен период на фудбалот. Сѐ се смени во фудбалот, а единствено што остана исто сево ова време се сликичките.
Кога првпат почнале да продаваат сликички во 1960 година, браќата Бенито и Џузепе Панини никогаш не ни сонувале дека нивната компанија еден ден ќе го добие култниот статус што го ужива и денес. Бенито и Џузепе, кои тогаш имаа трафики за продажба на весници, купија сликички од цветови и растенија, ги спакуваа по две во ќесичка и наскоро продадоа три милиони пакетчиња. Во следните две години решија да почнат сами да произведуваат сликички и биле продадени уште 44 милиони ќесички, по што целото десетчлено семејство ѝ се приклучило на компанијата.
Наскоро тие почнале да продаваат албум со сликички од италијански фудбалери, но вистински бум се случил во пресрет на Светското фудбалско првенство во 1970 година, кое се играше во Мексико. Тоа беше првиот албум со самолепливи сликички и прв албум што се појави во продажба и надвор од Италија.

Иако денес има огромна понуда на дигитални производи, „Панини“ верува дека старите добри сликички имаат иднина. Споделувањето и разменувањето сликички е нешто и што ги враќа возрасните во времето на среќното детство. Тоа е едноставно магијата на „Панини“.
Секои две години, во зависност дали е светско или европско првенство во фудбал, милиони обожаватели на оваа игра низ светот со нетрпение чекаат да се појави албумот на „Панини“ со своите сликички налепници.
Колекционерите сега се подготвуваат за собирање сликички и за дополнителна возбуда со разменувањето на дупликатите од новата возбудлива страница од приказната на „Панини“, овој пат за Европското првенство што треба да се игра летово, во која има сликички и од фудбалерите на македонската репрезентација, која ќе дебитира на континенталното натпреварување.