Следејќи го трендот во изминатите неколку децении, УНЕСКО очекуваше понатамошно опаѓање на бројот на деца во светот под минималното ниво за течно читање во 2020 година. Во 2019 година, оваа бројка достигна до 483 милиони деца со проблеми во читањето и се предвидуваше лани да достигне до 460 милиони. Сепак, со тоа што многу од децата во светот не се во можност да посетуваат настава со физичко присуство поради пандемијата на ковид-19, бројот на деца со тешкотии во читањето всушност се зголеми за над 20 отсто, поточно на 584 милиони.
Во тој контекст, УНЕСКО пишува дека „од почетокот на пандемијата на коронавирусот, комплетното или делумното затворање на училиштата го наруши учењето просечно за 25 недели, со тоа што најголемите загуби во образовниот процес се проценува да се јават во Латинска Америка, во Карипскиот Регион, во Централна и во Југоисточна Азија“. Негативните последици се очекува исто така да бидат долготрајни. Оттаму велат дека „првата година од пандемијата на ковид-19 му нанела таква штета на образовниот процес што дури може да се надомести за една деценија, а првите знаци на подобрување ќе се забележат до 2024 година ако не се направат посебни напори за да се одржат дополнителни часови и да се применат стратегии за да се одржи чекорот“.