Фото: Пиксабеј

Објавена е листата на најпродавани телефони во светот за првите шест месеци од оваа година, а на неа доминираат две компании. Иако има пет модели на „Епл“ и пет на „Самсунг“ меѓу првите 10 најпродавани телефони во светот, „Епл“ доминира на врвот на листата и првите четири најпродавани телефони во светот се моделите на ајфон.

Особено е интересно и изненадувачки тоа што во првите шест месеци од 2023 година најпродаван телефон во светот е ајфон 14 промакс, најскапиот модел на „Епл“. Во тој период се продадени 26,5 милиони од овие модели, додека втор најпродаван телефон е ајфон 14 про, чија продажба достигна 21 милион единици. Трет најпродаван мобилен телефон оваа година е ајфон 14 (16,5 милиони примероци), а ајфон 13 сѐ уште е многу популарен и е на четвртото место, со продадени 15,5 милиони единици. Следниот ајфон на оваа листа е моделот ајфон 11 и е на десеттото место, со речиси 7 милиони продадени единици.

Сите други места, значи, се окупирани од телефоните на „Самсунг“. На петтото место е галакси А14 (12,4 милиони продадени примероци), на шестото место е галакси С23 ултра (9,6 милиони), а потоа следуваат галакси А14 5Г, галакси А54 5Г и галакси А34 5Г.

Од компанијата „Омдиа“ нагласуваат дека во последно време има пад на пазарот на паметни телефони, а тоа особено се однесува на пазарот на уреди од низок и среден опсег, кои беа најтешко погодени од рецесијата, но една од причините за падот на продажбата лежи во проширувањето на пазарот на користени телефони. Од друга страна, зголемена е побарувачката за премиум-модели, што најдобро се гледа по тоа што најскапиот модел на „Епл“ е најпродаван телефон во светот, а високо котира и најсилниот модел на „Самсунг“, С23 ултра.

Иако очекувањата се секогаш големи, „Епл“ предупреди на пад на побарувачката на пазарот на паметни телефони, што може да влијае и на продажбата на модели од серијата ајфон 15, но сепак има големи очекувања за својот најсилен и најскап модел, ајфон 15 промакс.