Фото: Пиксабеј

Велика Британија во ноември ќе биде домаќин на глобален самит за вештачка интелигенција во стариот дом на британските дешифрирачи од Втората светска војна, додека премиерот Риши Сунак ја претставува Британија како глобален лидер во безбедноста на технологијата што брзо се развива.

Самитот ќе се одржи на 1 и 2 ноември во паркот Блечли, местото во Милтон Кејнс каде што математичарот Алан Туринг го откри воениот код на нацистичка Германија на машината „енигма“, објави владата.

Лидерите на технолошките фирми, владините претставници и научниците ќе се состанат за да ги разгледаат ризиците од вештачката интелигенција и да разговараат за тоа како може да се ублажат.

Самитот најверојатно ќе допре прашања како што се како да се спречи употребата на вештачката интелигенција за ширење дезинформации за време на изборите и употребата на технологијата во војување, се наведува во анонимна изјава на владин претставник.
– Велика Британија одамна е дом на трансформативните технологии на иднината, така што нема подобро место за домаќин на првиот глобален самит за безбедност на вештачката интелигенција отколку паркот Блечли. За целосно да ги прифатиме извонредните можности на вештачката интелигенција, мора да се справиме со ризиците за да обезбедиме нејзин безбеден развој во годините што доаѓаат – рече Сунак.

Технолошкиот претприемач и експерт Мет Клифорд и Џонатан Блек, поранешен висок дипломат и заменик-советник за национална безбедност, се задолжени за подготовката на самитот.