ТРИБУНОТ ТОЛСТОЈ, 10

Младиот Толстој уживал во музиката – од циганските мелодии што го опивале во неговите страсни кафеански ноќи до вежбите за клавир со четири раце што ги свирел со својата драга тетушка Татјана во Јасна Полјана. Еднаш од Петербург го довел непризнаениот виртуоз, Германецот Рудолф, што го открил во некоја зафрлена кафеана. Следните неколку дена домот во Јасна Полјана, на радост на младиот гроф, бил исполнет со музика, но немирниот Рудолф, освен за музицирањето на клавирот, бил уште позаинтересиран за слугинките и вотката, па набргу биле принудени да му го откажат гостопримството.
Љубовта кон музиката продолжува и натаму да го храни и, на некој начин, да го вознемирува животот на Толстој. Според неговиот шура Стефан, Лав, слушајќи музика, бледнеел и лицето му било згрчено како во некој шок. Кога во 1876-та Чајковски го поканил во Москва да присуствува на изведбата на неговиот „Квартет во Д-мол“, Толстој се расплакал.
И во длабоката старост, Толстој во својот дом, во кругот на семејството и пријателите, сакал да слуша музика на еден од двата клавира што ги поседувал, па иако тврдел дека музиката замајува и заведува, тој седејќи со затворени очи во големата фотелја, често заплакувал додека се свирел Бетовен или Шопен.
Овие сведоштва за двојниот однос на грофот Толстој кон музиката – оној, најблаго кажано, изразито приврзан во приватниот живот наспроти осудувачкиот, речиси агресивен во „Кројцеровата соната“, нѐ асоцира на двојните судови кај најуметничкиот старогрчки филозоф, за кого во „Фајдон“ – „филозофијата е најголема музика“, а во десеттата книга на „Државата“ музиката се осудува поради нејзиниот недоличен, заведувачки ефект врз слушателите. Дали и очигледната противречност во Толстоевите ставови е аргументирана со моралните фундаменти на неговото толстоевско учење?
Во секој случај се знае дека Бетовеновата „Кројцерова соната“ имала посебно влијание врз него. Една летна вечер во 1886-та, додека во салонот во Јасна Полјана ја изведувале брат му Сергеј и виолинистот Лесото, Толстој, кој веќе насолзено ја слушал интерпретацијата, кога таа дошла до ставот presto, не можел да издржи повеќе, наеднаш станал, заминал кон прозорецот и возбудено се загледал во ѕвезденото небо. Идната пролет во Москва, на една слична салонска изведба, на која присуствувале и сликарот Рјепин, кој тогаш работел врз портретот на писателот, и актерот Андреев-Бурлак, возбудениот Толстој се расприкажал за намерата да напише расказ под наслов „Кројцерова соната“, која ја исполнил дури во 1889-та, под впечаток од анегдотата за маж оставен од жена што му ја прераскажува токму актерот Андреев-Бурлак.
Ако „Кројцеровата соната“ може да се определи како дело со теза, тоа е создавано како уметничка проза, а не како памфлет. Оттаму и осудата на Подзнишев кон музиката, гледана во склопот на романот (со теза), е дел од книжевната градба на еден убедлив книжевен лик.

(продолжува)