Краткиот филм „Само ѓаволот се плаши од вода“ во режија на Лидија Мојсовска ќе ја има својата интернационална премиера на фестивал за краток филм, кој е дел од фестивалот „Блек најт филм фестивал ПОФФ“ во Талин, Естонија. „ПОФФ Шортс“ ќе се одржи од 15 до 23 ноември.
Главните улоги ги толкуваат Ангел Ристоски, Анастасија Јованоска и Тинка Ристеска. Продуцентка на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Лидија Мојсовска и Јаков Попоски, кинематографер е Бранко Аврамовски, монтажер Михаил Димитров, сценографијата е на Александра Чевреска, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Снежана Ангеловска Живковска, а музиката е на Ален и Ненад Синкауз.
„Само ѓаволот се плаши од вода“ е приказна за Борис и Кира, чие пријателство е ставено на тест, кога Борис под влијание на неговата баба ќе почне да се сомнева дека Кира е олицетворение на ѓаволот.
Ова е втор краток филм на Мојсовска. Нејзиниот прв краток филм „Награда“ (2018) беше прикажан на повеќе од 50 фестивали и освои 18 награди.
„Само ѓаволот се плаши од вода“ е во продукција на „Лист продукција“ и „Слобода филм“, а во копродукција со „Антиталент“ од Хрватска и е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, „Си синема нетворк“ и Хрватскиот аудиовизуелен центар. Националната премиера на филмот се случи на „Браќа Манаки“ во август оваа година.
Интернационалниот фестивал за краток филм и анимација „ПОФФ Шортс“, како дел од „Блек најт филм фестивал ПОФФ“, овозможува квалификација за „оскар“, Европската филмска академија и БАФТА. Филмски фестивал во Талин го имал своето прво издание во 1997 година, а денес е еден од најголемите филмски фестивали во Северна Европа и е дел од филмските фестивали од А категорија, заедно Кан, Венеција, Берлин, Карлови Вари и др.