Во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи“ во 2024 година, НУ библиотека „Григор Прличев“ од Охрид распишува конкурс за избор на најдобра беседа посветена на нашиот патрон, голем поет и преродбеник Григор Прличев на темата „Како против пизмата?“.
Од неговата „Автобиографија“ е познато и дека Прличев најчесто држел беседи пред охриѓани во црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Често зборувал и за нетрпеливоста меѓу луѓето и лошите намери, едни против други и како да се надмине тоа. Со конкурсот сакаме да го поттикнеме творештвото на младите луѓе да пишуваат креативно и да го збогатат својот израз.
– На конкурсот можат да се пријават сите млади од 15 до 30-годишна возраст од Република Македонија. Беседата „Како против пизмата?“ не смее да биде подолга од 3.000 збора и треба да е напишана во фонтот ариел 12.
Беседите не смеат да имаат во себе политичка, етничка и верска содржина, туку треба да носат универзална порака за мир, љубов, соработка и претходно да не се публикувани… Комисијата ќе ја оценува нивната уметничка, јазична и естетско-етичка содржина. Беседите се испраќаат до комисијата исклучиво под шифра и авторот треба да ја наведе само возраста. Авторите треба да ги достават беседите во печатена форма во три примероци до НУ библиотека „Григор Прличев“, ул. „Македонски Просветители“ бр. 2, Охрид, 6000 – информираат од НУ библиотека „Григор Прличев“.
Конкурсот е отворен до 15 јануари 2024 година.
Шифрите на трите наградени беседи ќе бидат објавени најдоцна до 2 февруари 2024 година на веб-страницата на библиотеката и преку медиумите.
Наградите на најдобрите тројца автори што со посeбeн примерок ќе го докажат авторството ќе им бидат врачени на манифестацијата „Прличеви беседи 2024“, во организација на НУ библиотека „Григор Прличев“ Охрид.