Македонскиот стрип беше претставен на мултимедијална патувачка изложба посветена на Балканот, поставена во Националната библиотека на Романија, во Букурешт. Покрај делата на авторите од Србија, Албанија и од Романија, изложени се и стрипови на историска тематика на неколку генерации македонски автори. Љубомир Филиповски, Илија Јордановски, Миле Топуз, Драган Ташковски, Диме Иванов-Димано, Дарко Богданов и Александар Стеванов, кој наедно е и селектор на македонскиот сегмент од изложбата, се само дел од македонските стрипописци во чии неколку стотици стрип-табли ќе можат да уживаат романските вљубеници во деветтата уметност.

– Најголемиот дел од македонските стрипови поставени во Букурешт се премиерно објавени во детското списание „Наш свет“, во српската ревија „Никад робом“, во првата македонска стрип-ревија „Макстрип“, а во поново време и како албумски изданија. Од историските личности во нив се среќаваат Александар Македонски, Хацон, Пребонд, Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, цар Самуил, војводата Ивец, цар Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех, Карпош, Сирма војвода и гемиџиите, но и фикциски ликови сместени на историскиот фон. Еден таков лик, Самуиловиот едноок воин Никола, е избран за најемблематичен протагонист од македонските историски стрипови и како таков е отпечатен во реална величина, изјави Стеванов.

Изложбата е организирана како дел од активностите на меѓународниот проект „КАН фор Балканс“, во рамките на кој беше објавена и публикација за историјата на балканскиот историски стрип, вклучувајќи го и македонскиот. По минатогодишното гостување во Брашов, ова е второ претставување на македонскиот стрип пред романската публика. Патувачката мултиметијална стрип-изложба, чија реализација е кофинансирана од Европската Унија, досега беше поставена и во Тирана, Брисел, Лесковац, а пред неколку месеци и во Велес. Со нејзиното поставување во Букурешт се заокружува проектот во чија имплементација како партнерска организација е вклучен и Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес.