Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „Се викам Марите“ од Алвидас Шлепикас, избрана за книга на годината за 2012 година во Литванија, добитник на наградата „Георг Дехио“ за 2018 година во Германија и номинирана за наградата „Ангелус“ за 2016 година во Полска.

Романот се базира на вистински случувања што ги пресретнале германските жени и деца по завршувањето на Втората светска војна. Ева е мајка што е подготвена да направи сè за своите деца. Со неа поминуваме низ војната што малите херои ја водат со животот и смртта, храната и гладот, очајот и надежта, човечноста и нечовечноста, алчноста и дарежливоста, стравот и храброста, среќата и несреќата, јавето и сонот, со сеќавањата и сегашноста.

„Волчите деца“ се деца што останале без своите семејства по 1945 година. Се смета дека нивниот број изнесувал од 10.000 до 25.000. Тие растеле со еден родител или без родители и биле лишени од нормално детство, оставени на себе во мрачните пруски шуми. Таму прерано се запознале со одговорноста, несправедливоста и со суровоста на животот. Барале засолниште меѓу литванските семејства каде што не биле секогаш топло добредојдени, најчесто поради страв од депортација на Сибир или затоа што ни тие немале што да јадат. Литванците што се одлучувале да земат кај себе некое од „волчите деца“, се обидувале прво да ги научат литвански, а потоа да им извадат документи со променети имиња, со цел да се заштитат од суровиот советски режим. СССР за поголемиот број луѓе е доживуван само како ослободител на Европа од фашистичката тиранија, но она што всушност се претставува во романот ни дава слика дека доаѓа до замена на едно зло со друго.

Книгата е објавена на македонски јазик со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – потпрограма „Култура“.

Алвидас Шлепикас (1966) е литвански романсиер, поет, драматург и актер. Дипломирал актерска игра и театарска режија. Работел за телевизија и за театар. Дебитирал како поет во 1994 година. За „Се викам Марите“ добил многубројни награди: книга на годината за 2012 година во Литванија, берлинската награда „Георг Дехио“, а книгата е прогласена и за една од најдобрите за 2019 од списанието „Тајмс“. Член е на Друштвото на писателите на Литванија и на литванскиот ПЕН-центар.