Ликовната изложба „Македонската азбука“ на македонскиот сликар Сергеј Андреевски беше отворена вчера, на 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј, во преубавиот амбиент што е дел од музејскиот комплекс на градот Белград – Конакот на кнегињата Љубица. Изложбата, која ќе трае до 29 мај, е дел од традиционалната манифестација „Денови на македонската култура – допир на Македонија“, која по 11-ти пат ја организира здружението на Македонците во Белград – „Македониум“.
Овој циклус слики на платно на Андреевски, каде што секоја буква има своја приказна, свој свет, беше првпат изложен минатата година во излозите на Широк сокак во Битола. Тоа беше поддршка од уметникот кон славењето на името и делото на научникот, творецот и создателот на македонското современо писмо – Блаже Конески, во годината кога се одбележуваа 100 години од неговото раѓање. Целта и тогаш, а и сега е исто така актуелна: да се разбуди јавноста за значењето на македонската кирилска азбука и нашиот јазик, особено во време-невреме, кога секојдневно е оспоруван.
Изложбата ја отвори скулпторот Синиша Новески.