Македонија во јуни треба да одигра четири натпревари во третото издание на Лигата на нациите, во лигата Ц, во групата 4

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ

Фудбалерите што настапуваа на квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство во Катар ќе бидат базата на тимот, ним, како одредено освежување во репрезентацијата, ќе им се приклучат тројца нови фудбалери, Бојан Димоски, Томче Гроздановски и Енис Фазлагиќ. Шанса да ги потврдат својот потенцијал и квалитет ќе добијат сите играчи низ подготовките и на натпреварите. Помладите фудбалери ќе треба да покажат дека можат да бидат важен дел од репрезентацијата во квалификациите за Европското првенство во 2024 година, чија ждрепка е закажана за октомври – изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, пред серијата јунски натпревари во третото издание на Лигата на нациите (ЛН).
Македонија во период од десетина дена треба да одигра четири натпревари во лигата Ц, во групата 4, и тоа на гости со Бугарија (2 јуни) и со Гибралтар (5 јуни), а потоа дома со Грузија (9 јуни) и со Гибралтар (12 јуни).
– Се надевам на многу позитивни работи во периодот што ни следува, иако распоредот ни наметнува дури четири меча. Фудбалерите штотуку завршија со клупските активности поради што некои од нив како последица од напорната сезона и бројот на одиграни натпревари сега не се во комбинација, а треба да видиме и каква е ситуацијата со дел од играчите што имаат некакви повреди – вели Милевски, кој на подготовките повика 28 фудбалери.
Во првото издание на ЛН, во сезоната 2018/2019, Македонија беше прва во групата 4, во лигата Д што значеше пласман во повисок ранг, во лигата Ц, и место во баражот во кој ја победи Грузија и се пласира на Европското првенство играно во 2021 година.