По исклучително успешната светска оркестарска премиера на проектот „Македонисимо“ минатата година во веројатно најпрестижната концертна сала во светот, „Музикферајн“ во Виена, заедно со оркестарот „Тонкунстлер“ од Австрија, под диригентската палка на нивниот шеф диригент Маестро Јутака Садо, нашиот камерен оркестар АЈГА, во соработка со „КултурОп“, ја најавува македонската, а наедно и балканска премиера на оркестарската верзија на проектот „Македонисимо“.
Оркестарската верзија се базира врз транскрипции на македонска традиционална музика од нашиот композитор Панде Шахов, во соработка со Симон Трпчески. Како што истакна екипата уште од почетокот на реализацијата, овој проект му го посвети на македонскиот народ. Дека почитта е заемна, публиката покажа и на квинтет-изведбите на проектот низ земјава, на отворено, почнувајќи од с. Збажди на планината Караорман, преку Скопје, Битола и Штип, заклучно со струмичкото село Секирник, на кои овациите кажуваа сѐ.
Овој пат финесите на филигрански осмислениот и изведен проект, во оркестарското концертно исчитување нудат уште повозвишен приказ на богатството на македонската музичка традиција. За тоа, на сцената на Македонската филхармонија ќе се погрижи квинтетот „Македонисимо“, во состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, заедно со камерниот оркестар АЈГА, под диригентската палка на Ана Спасовска. Специјални гости на вечерта ќе бидат и Владимир Крстев на виолина, Александар Димитров и Паскал Краповски на виолончело.
Концертот ќе се одржи на 1 април, во 20 часот, на големата сцена на Македонската филхармонија.