На 4 ноември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани. Куратори на поставката се: Владимир Јанчевски, Ива Димовски и Благоја Варошанец.
Селмани е еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, а наградата подразбира реализација на самостоен проект во Музејот на современата уметност – Скопје. Пред него, годинава, самостојно изложуваа другите двајца наградени автори, Наташа Неделкова и Дарко Алексовски.
Презентирајќи разновидност и сајт-специфична интервенција во просторот на МСУ-Скопје, изложбата на текстуални дела, објекти и видео се обидува да воспостави нови релации во дадениот контекст, јасно покажувајќи ги начините на кои Селмани духовито користи специфична форма на хумор за да го истражи и преиспита секојдневието, кое обично се врзува за апсурдни традиции и хиерархиски структури. Широкиот опфат на дела на Селмани, кои се фокусираат на различни прашања од нашата несигурна современост, почнувајќи од популарната култура, до доминантните дискурси на моќта што ги обликуваат нашите животи, ги преиспитуваат и историските наративи, стереотипите, чувството на припадност и исклученост.

Делата на Дритон Селмани секогаш се конструирани како имагинарен дијалог, со публиката, но и со самиот себе, како серија кратки изјави или реторички прашања, отворајќи нови перспективи за нашето разбирање на себството, за заедничкото и за различните аспекти на современиот живот. Самиот наслов на изложбата јасно покажува како Селмани користи неочекувани сопоставувања и иронија – извртување на берберска изрека, со референца на стих од едно од неговите омилени поетски дела, „Туѓинецот“ (L’Etranger) од Шарл Бодлер. Всушност, тој со интенција ги бара и ги наоѓа точките каде што јазикот се прекршува, каде што отвора јаз, пукнатина меѓу нештата, зборовите и новоконструираната слика, трансформирајќи го познатото во зачудна уникатна ситуација, а потоа повторно се враќа од фикциското кон разбирање на секојдневието.
Дритон Селмани (Урошевац, Косово / 1987) во моментов работи и живее во Приштина и во Догановиќ. Магистерските студии ги завршува на Универзитетот за уметност во Бурнемут, Велика Британија. Селмани пристапува кон идејата за перципирана реалност со деконструирање на формации на социјалните, политичките и културните теми што биле отелотворени околу него.
Изложбата ќе биде отворена до 25 февруари 2023 година.