Вечерва, во 20 часот, камерниот ансамбл „Консонанс“ ќе настапи во камерната сала на Филхармонија. На програмата се дела од Хајдн, Феранте, Барток, Гершвин, Бранѓолица…
Камерниот ансамбл „Консонанс“ е формиран во 2007 година, како една уникатна формација што ја сочинуваат дрвени дувачки инструменти. Овој ансамбл е посветен на камерното музицирање и истражување на звукот што овие инструменти го создаваат заедно. Составен е од музичари што се членови на НУ Филхармонија, кои освен оркестарското музицирање, ја негуваат и камерната музика, а исто така настапуваат и како солисти. Покрај настапите на сите позначајни фестивали на домашната музичка сцена, „Консонанс“ има остварено настапи и во Црна Гора, Бугарија и во САД. Ансамблот има издадено и еден носач на звук. Во камерниот ансамбл „Консонанс“ членуваат: Елена Дојчинова, Маја Чанаќевиќ, Здравко Ангелов, Игор Бакревски и Сашко Темелковски. Елена Дојчинова (флејта) е вработена во оркестарот на НУ Филхармонија на позицијата прва флејта. Исто така активна е на музичката сцена како членка на неколку камерни состави и како солистка. Маја Чанаќевиќ (англиски рог) долги години е членка на ансамблот на НУ Филхармонија на позицијата англиски рог и обоа. Покрај посветеноста на оркестарското музицирање, таа настапува како солистка и е членка на неколку камерни состави. Здравко Ангелов (кларинет) е истакнат солист на оркестарот на НУ Филхармонија и е нејзин долгогодишен прв кларинетист. Активно го негува солистичкиот пристап, но евидентна е и неговата посветеност за камерното музицирање. Тој наедно е и водач на ансамблот „Консонанс“. Игор Бакревски (кларинет) е прв кларинетист во оркестарот на Филхармонијата што активно се занимава со камерното музицирање, но и со професионално снимање оркестарска музика. Долги години беше член и на оркестарот на НУ Националната oпера и балет, а исто така е член на повеќе камерни состави. Сашко Темелковски (бас-кларинет) е вработен во НУ Филхармонија на позицијата бас-кларинет и кларинет. Покрај симфониското музицирање, тој е посветен и на снимање оркестарска музика и на камерното музицирање. Во „Консонанс“ членува од основањето на ансамблот.