Вечерва, со почеток во 19 часот, во „Галерија 73“ во Белград ќе биде отворена изложбата „Бруталист“, заеднички проект на македонските автори Благојче Наумоски-Бане и Петар Новковски. Изложбата претставува средба на два различни авторски пристапа кон бруталистичката естетика, низ истражување на формата, материјалот, архитектурата и на трагите што времето ги остава врз нив.
„Бруталист“ не го третира брутализмот единствено како архитектонски правец, туку како визуелен и концептуален јазик преку кој авторите го истражуваат односот помеѓу просторот, структурата, материјалот и времето. Преку своите дела, Наумоски и Новковски создаваат дијалог помеѓу два индивидуални ликовни израза, обединувајќи ги околу заедничкиот интерес кон суровата, но истовремено силно изразна естетика на брутализмот.
– Проектот претставува современо визуелно истражување, кое се наоѓа на пресекот меѓу геометриската апстракција, неопластицизмот и брутализмот. Во неговата суштина лежи стремежот да се преиспита односот меѓу структурата и материјалноста, меѓу редот и флуидноста, меѓу рационалниот систем и органската трансформација на формата. Проектот ја третира геометриската форма како жива и енергетска појава, а не како статичен идеал. Формата не е конечна, апсолутна категорија, туку процес на непрекината метаморфоза – премин од стабилност кон распаѓање, од ред кон апстрактен простор. Преку визуелната перспектива, геометријата се дематеријализира и се трансформира во духовна и ментална структура, која ја носи тежината на современата материјалност – се вели во најавата.
Инспирацијата од брутализмот не се однесува само на архитектонската естетика на бетонот, масивноста и конструктивната грубост, туку и на филозофската суштина на неговата форма – идејата дека формата ја изразува сопствената материја, без непосредни украси или симболички филтри. Во „Бруталист“, овој принцип се трансформира во сликарски и графички јазик, во кој структурата станува визуелна археологија на просторот, сведоштво за процесите на создавање, уништување и на повторно градење.
Изложбата претставува можност публиката во Белград да се запознае со дел од актуелното творештво на македонските автори и со нивните современи интерпретации на бруталистичката визуелна култура.