ЏУДО-ТУРНИР ВО АЛЕКСИНАЦ
Четири медали за Миоки
На меѓународниот џудо-турнир во Алексинац, Србија, во конкуренција на 305 џудисти од 47 џудо-клуба, џудистите од скопскиот клуб Миоки остварија забележителен успех, освојувајќи вкупно четири медали, од кои еден златен, еден сребрен и два бронзени.
Со злато се закити Емилија Паскоска, сребро освои Михаил Дојчинов, додека со бронзи можат да се пофалат Ада Едип и Езана Јашари. На турнирот добри борби прикажаа Синем Хасан-Озгун, Рина Идризи и Тома Винокиќ. Џудистите на Миоки ги предводеше тренерот Хамза Јашари, информираат од ЏК Миоки. Г.И.
ЏУДО
Меѓународен тренинг-камп во Романија
По предлог и под водство на интернационалниот џудо-тренер од Романија, Дани Георге, неодамна македонските џудисти Никола Магдески и Никола Петров учествуваа на десетдневниот џудо-камп „Пантеон“ во Констанца, Романија. Десетте дена ќе бидат исполнети со напорни тренинзи, интензивни рандори, усовршување на техниките и стекнување драгоцено меѓународно искуство за во иднина.
Учеството на вакви меѓународни кампови е одлична можност за нашите џудисти да тренираат со квалитетни натпреварувачи од различни земји, да стекнат нови искуства, да учат од искусни тренери и да продолжат да го градат својот спортски пат. Посебна благодарност до тренерот Дани Георге за стручната работа, посветеноста и поддршката, велат од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). Г.И.
































