Рецензија
- Кон манифестацијата за промоција „СИСТЕМА – за грчката изведбена уметност“ во состав на фестивалот „Епидаурус“ во Атина, одржан од 20 до 26 јули 2026 година
Вертикалата на грчкиот театар е многу длабока. Од античките трагедии, па сè до современиот театарски миг, грчкото театарско промислување создаде специфика достојна за секоја почит. Новите театарски струења во Грција се враќаат на повторното толкување на античките трагедии создавајќи нови драмски текстови посветени на овие антички драмски модели, но и анализирајќи ги политичките и општествени движења креирајќи драми и претстави со кристализирана специфика и една блага иронија што одушевува. Инаугуралното издание на „СИСТЕМА – за грчката изведбена уметност“ под покровителство на Националниот театар на Грција, фестивалот „Епидаурус“ во Атина и Меѓународниот танцов фестивал во Каламата ни донесе многу интересни начини на промислување и во драматуршка и во изведбена смисла. Во ова прво издание, СИСТЕМА понуди деветнаесет театарски и танцови претстави, кои се одвиваа низ историските места во Атина, Епидаурус и во Каламата. Претставите беа одиграни во зградата „Зилер“ на Националниот театар на Атина, индустрискиот комплекс „Пиреја 260“, претворен во фантастичен уметнички центар со осум театарски простори, древниот амфитеатар во Епидаурус, како и во малиот амфитеатар во истиот град. Овој грандиозен театарски настан го следеа над шеесет театарски продуценти, директори на фестивали, режисери и театарски критичари, меѓу кои и мојата маленкост, отворајќи ги надвор од театарските претстави можностите на грчките млади театарски уметници да го покажат своето уметничко проседе.
Театарските претстави што им го свртија вниманието и на публиката и на театарските мислители беа: „Навахоленд“, продукција на „Театарот 104“, по драмскиот текст на Јанис Апоскитис, во режија на Јоргос Вурдамис, претстава која низ една иронична призма зборува за мрачното колонијално наследство на Америка, за лакомоста и за никогаш неизлечивата осаменост што ја изедува човековата личност; мошне интересната продукција на „Ќелавата пејачка“ на Ежен Јонеско во режија на Марилена Катраниду, а во продукција на театарот „Алкмини“, претстава што низ овој, веќе класичен апсурдистички драмски текст нè води низ алогизмот на човековото однесување. Враќајќи се повремено во рамките на Јонесковиот текст, Катраниду нè потсетува на она што со децении било алогично, кое сега станува начин на преживување во светот на лагата и недовербата; „Мишел: вежби во смртноста“, претстава по драматургија на Танасис Крицакис и Марилена Катраниду во режија на Танасис Крицакис, која ги испитува можностите на човековата издржливост во една дистописка „реалност“, каде што консумеризмот и фармакологијата застануваат на спротивната страна од тенденцијата на човековата желба да се досегне по што повеќе здравје и живот; „Мојата мајка ме отфрли во морето“, одлична монодрама изведена во комплексот „Пиреја 260“, по расказот на Вила Катопулу во режија и изведба на Темис Пану, монодрама што зборува за отуѓеноста на островот на Кикладите, место каде што учителот од основно училиште се нашол по сила на судбината, сам со своите сеќавања и внатрешни болки; „Мир“, по комедијата на Аристофан, едно сосема ново читање на оваа комедија од страна на режисерот Никос Каратанос по драматургијата на Фоивос Деливориас, низ кое најмногу се става акцентот на профитеризмот по воените дејствија, на мирот што ни оддалеку не е тоа, низ една фарсична фокусираност, која го одвојува токму тој цинизам што веќе станува типичен за новиот грчки театар, комедија што многу инсистира на блискост со публиката чија рецепција беше извонредна; „Светите“, претстава по трогателниот драмски текст на Гијом Поа, во продукција на Националниот театар од Атина, една исклучително динамична театарска претстава сочинета од единаесет монолози за љубовта, смртта, тагата и за очајот, претстава што одушеви не само со режискиот концепт на Христос Теодоридис, кој ја направи и адаптацијата заедно со Изабела Константиниду, која уфрли и три грчки приказни во истата драмска предлошка, не само со сјајната актерска игра, туку и со одличната кореографија, тричасовна претстава што остави силен и неизбришлив впечаток; „Фрагменти: Еврипид“, една многу интересна постдрамска структура во адаптација и режија на Ефтимис Теу, која се занимава со откривањето на фрагментите од изгубените трагедии на Еврипид, кои, како што велат тие, претставуваат повеќе можност отколку отсутност, претстава што говори за една насетеност при зачувувањето на логиката и контекстот на драмскиот текст што го нема, претстава што се одигруваше во Училиштето на Атина – Ирене Папас; „Кукла“, претстава базирана врз драмскиот текст „Нора“ на Хенрик Ибзен на Националниот театар, во режија на Марија Панургија, претстава што има дијаметрално различен ракурс на согледба од базичниот текст, а која се занимава со паранојата на Нора, но и со фантазмите на сите оние што дошле во нејзиниот дом да најдат засолниште на својата лакомост; „Алкестида“, драмска адаптација на трагедијата на Еврипид во која единствено се појавува смртта како лик, адаптирана од Димитрис Каранѕас, кој е наедно и режисер на претставата, режисерско видување што иако се чини на прв поглед дека инсистира на класичната поставеност на текстот, низ превртување на патетиката на стиховите, зборува за судбината на оној што е избраниот, за поетиката на жртвата со која Античка Грција многу се занимавала и која, конечно, била пресудна за запирањето или започнувањето на војните, претстава што е продукција на театарот „Мелина Меркури“ и конечно претставата „1961“, во драмската структура на Корнилиус Селамсис и Харис Фрагулис, кој е и режисер на претставата, која зборува за моментот на рушењето на современоста, музички перформанс што во ист момент зборува и за тагата по шеесеттите години низ носталгични секвенци и низ меланхолични музички партии.
„СИСТЕМА – за грчката изведбена уметност“ ни го осветли профилот на новиот грчки театар, на новите промислувања, а што е најважно на новите грчки театарски гласови, настан што ги обедини драматичарите, нивните сегашни и идни проекти и режисерските концепти, нивните начини на мислење, како и актерската енергија, која, се чини дека беше најнеприкосновена.
Аристотел вели дека: „Секој збор е или актуелен или чуден или метафоричен или украсен или новоизмислен или продолжен или скратен или изменет“. Зборот, синтагмата, изразот, актерскиот сензибилитет, режисерката умешност и драмската органика беа ѕвездите на оваа извонредна манифестација за промоција, чија велелепност е незаборавна, презентација што проговори и со јазикот на антиката, но и со јазикот на автентичноста и актуелноста.
Сашо Огненовски
































