Фото: ЕПА

ПОКРАИНСКИ ИЗБОРИ ВО ГЕРМАНИЈА СО ЕВРОПСКИ ОДГЛАС

  • Алтернатива за Германија има програма што речиси во ништо не се совпаѓа со елитите во Берлин, но тоа, пак, го поддржува мнозинството од
    избирачите. Па дури АфД се залага за цврста соработка со Русија, нешто што во моментов е незамисливо за канцеларот Мерц, кој ја подготвува нацијата за војна. Многу компликувана состојба
  • Лидерката на АфД има поинаков план за ЕУ и за Европа, па затоа им порача на Србите да не брзаат со членството во Унијата. Ете, индиректна порака и за Македонија

Саксонија-Анхалт има историска одредница да биде епицентар на германските политички земјотреси. Речиси пред 100 години, во историската 1932 година во тогашната Вајмарска Република, во Анхалт на покраински избори ќе победи кандидатот на Националсоцијалистичката демократска работничка партија. Наредната година на избори токму од таа партија ќе победи Адолф Хитлер и ќе го смени текот на светската историја. Нацизмот ќе донесе војна со милиони жртви, концентрациони логори, прогони и воен пораз на Германија (Третиот рајх).
Пред само неколку дена, во Саксонија-Анхалт (историски таа е спој на територии од Анхалт, Прусија и Саксонија) на покраинските избори убедлива победа однесе Алтернатива за Германија, АфД, што за либералите во светот значеше дека треба да се запалат алармите кај сите мегафони и да се истакне дека историјата се повторила. И самите Германци знаат дека ова не е точно, АфД не го враќа нацизмот. Но историјата покажува дека за сто години многу нешта во политичка смисла се превртени наопаку, особено тоа се гледа во некогашна Источна Германија, која сега повторно покажува дека може да биде лакмусот на пошироки политички пресврти.

Историјата на Источна Германија превртена наопаку

Она што е предизвик за анализи е секако пресвртот на режимите во тој дел на Германија, особено по Втората светска војна кога социјализмот (марксизмот-ленинизмот) ќе зацарува во Источна Германија под големо влијание и на Советскиот Сојуз. И таква Источна Германија, одвоена од Сојузна (Западна) Република Германија, ќе изроди лидери во еден Ерих Хонекер или Егон Кренц, кои ќе го удрат чеканот на Берлинскиот ѕид, кој требаше да падне пред поделената нација, па и еден Оскар Лафонтен или Грегор Гизи. Долг период левицата беше суверена во тој дел на Германија, но спојот со браќата од западот политички ги порази. Не толку природно колку што со една наметната политика на санитарен кордон, еден од најлошите сурогати на парламентарната демократија. Но и покрај тоа, партијата Линке успева да се одржи и е во парламентите на седум покраини. Доказ дека историјата е превртена наопаку е АфД, крајно десничарска политичка опција, која ѝ го зазеде сега местото на некогаш моќната Линке.
Како е можно ова, како гласачите се решија да преминат од еден пол кон друг? Можеби наједноставниот одговор се наоѓа во програмските определби на крајната десница, па донекаде и на крајната левица во БСВ на Вагеноф, затоа што и двете се блиски по многу ставови – за имиграцијата, економијата и можеби клучното, тие се за соработка со Русија. И веќе имаме спакувана политичка бомба во Магдебург, престолнината на Саксонија-Анхалт. Бомба што наскоро може да експлодира и на изборите во Берлин кон крајот на месецов.

Закон и поредок – тоа е нешто што го сакаат Германците

АфД е млада партија, формирана 2013 година, но брзорастечка. Таа денес е најпопуларна на национално ниво, со над 8 проценти пред ЦДУ. Зошто е АфД популарна кај народот? Една од лидерките на партијата, Алис Вајдел, пред изборите во Саксонија-Анхалт во интервју истакна дека тие ќе ги вратат „законот и поредокот во Германија“. Со тоа Германците се погодени во нивната слаба точка – Германците повикуваат на ред и поредок и тие одамна, особено од времето на канцеларката Меркел, покажуваат јасни знаци на несогласување со политиките од центарот на Берлин и тоа се гледа во изборните резултати на главните партии – ЦДУ и СПД. Тие тонат, а ова особено се однесува за СПД. АфД прецизно ги нагласува приоритетите, а тие се совпаѓаат со мнозинството од граѓаните: антимигрантски политики, образовни реформи, напуштање на зелената енергија, крај на политиката на истакнување на правата на геј-заедниците, особено во образовниот систем и наместо конфронтација со Русија, тие сакаат соработка со Москва и Путин, но и користење на руските енергенти. И за разлика од официјален Берлин, сето ова го поддржува голем дел од избирачите.

Санитарен кордон

АфД заради политиката на санитарен коридор кон нив можеби нема да формира влада во Саксонија-Анхалт, иако тоа е можно со поддршка на Сојузот на Зара Вагеноф, која ја предводи екстремната левица. Тие не би влегле во коалиција, но би ја поддржале малцинската влада на АфД. Берлин преку устата на канцеларот Фридрих Мерц го најави тој санитарен коридор на алтернативците, но најави и подрастични мерки за покраинските власти во кратење на буџетирањето. Сепак, и Вајдел и победникот на покраинските избори Урлих Зигмунд, можен премиер на Саксонија-Анхалт, не гледаат на ова со диоптрија на дневна политика, туку тие јасно кажуваат дека нивна цел е да го соборат Фридрих Мерц, најнепопуларниот канцелар со 84 проценти неодобрување на неговите политики, туку крајната цел е да ја освојат Германија и да ја променат земјата според нивниот калап.
Со оваа победа, партијата АфД покажа дека не е само камен во чевелот на политичките елити во Берлин, туку нешто повеќе, дека е политички фактор и дека е способна да ја преземе судбината на нацијата во свои раце. Засега може да се зборува дека нацијата е поделена (американски синдром на партиски поделби на демократи и републиканци), но токму таа партија успева да го спои гласачкото тело и да добие поддршка. Дали политиката на санитарен кордон ќе биде успешна? На краток рок да, но подолготрајно нема да биде одржливо затоа што само ќе предизвикува внатрешна поларизација. На изолација на АфД неодамна преку колумна повикаа министерот на одбраната Борис Писториус и премиерот на Баден Вуртенберг, Џем Оздемир, од Партијата на зелените (ЦДУ ја изгуби и таа богата покраина), притоа нагласувајќи дека на тој начин треба да се бранат уставот, основниот закон и вредностите на Германија поставени по Втората светска војна. Јасно и гласно тие повикуваат АфД да се забрани! И тука има уште еден парадокс во кој се наоѓа германската политика – некогаш Хелмут Кол рече дека „за Германија најважен пријател на Истокот е Русија и тоа така ќе биде“, нешто што сега го кажуваат и од АфД, но не и властите во Берлин.

Европа се оддалечува од центарот

Алтернатива за Германија во моментов е шампионскиот коњ на европската патриотска и суверенистичка десница. Нејзината победа е поттик за сродните партии, особено во Франција каде што Марин Ле Пен е во голема предност пред претседателските избори наредната година. Европските политички елити се оддалечуваат од центарот и веќе се најавува сериозен подем на суверенистичките десничарски партии. Фактор што ја обликува оваа атмосфера е секако движењето МАГА од Америка и станува јасно дека она што пред една година го најавуваа Трамп и Џеј Ди Венс полека фаќа корен низ Европа, особено во Германија. Во моментов во 15 земји членки на ЕУ десницата е на власт или владее во коалиција, а очигледен е и подемот на крајната десница. Тие не се хомогени, имаат меѓусебни искричења, но трендот се очекува да оди во насока на калибрирање на нивните политики за да го преземат кормилото на Брисел. Очигледно е дека тоа успева по прашањето за нелегалната имиграција и сѐ почестите повици за побрза ремиграција. Ова особено е нагласено во Велика Британија, а состојбата ја зовре Шпанија, која не успеа да ја спречи навалата на имигранти од Мароко.

Индустријалците ја замешаа кашата

На Мерц и на Берлин воопшто не им оди во прилог и економската состојба, особено по наглиот пресврт на базната економија кон милитаризација, при што голем дел од индустријата останува без работна сила, затоа што е привлечена во наменската индустрија. Вториот фактор, многу значаен за Германците, е најавата од индустриските гиганти, каков што е „Мерцедес“, дека вработените ќе мора да се навикнат да живеат посиромашно зашто ќе им се скратат бонусите за Божиќ и годишните одмори, а работната недела ќе се зголеми за плус пет часа. Доколку ова не се прифати, тогаш „Мерцедес“ од Штутгард би се преселил во Кечкемеш, Унгарија, или на некое друго место во Источна Европа. Ова секако дека има одглас кај граѓаните, кои наскоро ќе излезат на уште неколку покраински избори, каде што во некои се очекува победа на АфД.


Скопје прими порака преку Белград

Директна порака за Македонија од овие избори не беше испратена, но ја доби Србија преку лидерката Вајдел. Таа им порача на Србите да не брзаат сега кон ЕУ затоа што повеќе ќе изгубат отколку што ќе добијат. Со тоа порака доби и Косово, која воопшто не е оптимистичка за неговата иднина.
Дали и Македонија треба да го прими овој совет и да го анализира? Секако, да. Особено што е јасно дека Брисел комплетно се заплетка со процесот на проширувањето и поради украинската криза ги изгуби и последните карти наречени кредибилитет и почитување на критериумите од Копенхаген.
Како заклучок – овие избори покажаа дека веќе ништо во Европа не е сигурно и дека нема да се игра секогаш според она што е напишано во книгите или според правилата. И ова треба да биде сериозна опомена за Македонија и за нејзиното поставување во новата геополитика. Х.И.