По гостувањето на претставата „Плејбои…“

На неколку локации во Стариот Град, кон крајот на август се одржа 40. јубилеен фестивал „Град театар“ – Будва (2026). Драмскиот театар – Скопје учествуваше на овој најголем сценско-музички фестивал во Црна Гора со претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ. Претставата „Плејбои…“ е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар – Скопје, „Белградско драмско позориште“, „Местно гледалишче“, Љубљана, и продукцијата на „Град театар“ – Будва. Во претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценограф), Александар Ношпал (костимограф), Владимир Пејковиќ (композитор) и Дамир Клемениќ (сценски движења).
– Јубилејниот фестивал на „Град театар“ – Будва потврди дека додека повеќето медитерански градови се натпреваруваат кој ќе привлече повеќе туристи, Будва веќе четири децении докажува дека постои и поинаков вид публика со сериозни очекувања и внимателно изграден вкус, онаа публика што патува за да проследи врвна уметничка продукција. Организаторите во 55 фестивалски дена подготвија повеќе од 68 изведби од драмската, музичката и ликовната уметност, како и десетина литературни читања и претставувања на поети и уметници значајни за регионот, но и на оние што се присутни на светската уметничка сцена – велат од Драмскиот театар.
Ивана Лазовиќ, в.д. директорката на ЈУ „Град театар“, истакна дека фестивалот го променил идентитетот на Будва, ја трансформирал Будва од туристичко место во град што е препознатлив и како културна дестинација.
– Клучниот столб на културниот идентитет на Будва е фактот што и по 40 сезони не се откажавме од идејата богатото историско и амбиентално наследство на градот да се стави во функција на уметноста и да се внесе нов живот во улиците на Стариот Град – истакна Лазовиќ.
Уметноста им припаѓа на историски амбиенталните улици и плоштади, зашто токму автентичноста ја гледаме како најголема вредност на фестивалот во време кога културата сè повеќе станува глобална.

– Вечерите на „Град театар“ – Будва имаат свој ритуал – кога дневниот ритам на Стариот Град опкружен со камените ѕидови се смирува, откако ќе заврши денот на плажа во овој медитерански град, публиката поминува низ камените порти на градот каде што фестивалските настани се одржуваат под ведро небо, следени од звукот на морските бранови веднаш зад ѕидовите. Ноќе, камените плоштади се исполнуваат со публика и уметници од различни земји на светот – глетка што ја дефинира Будва уште од првиот фестивал – изјавува Лазовиќ.
Јубилејот се прославува во сезоната кога Будва за првпат беше домаќин на Самитот на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА), на кој повеќе од 200 директори на фестивали од 44 земји разговараа за иднината на европската култура. За градот, кој го градел фестивалот меѓу плоштадите, црквите и ѕидовите на Стариот Град, тоа претставува потврда дека некогашната летна сцена одамна ги прераснала рамките на локален настан и станала важна точка на европската културна мапа.
Освен на сцената во Будва, претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ по минатогодишната премиера, се играше 18 пати, и тоа на летните фестивали во Охрид на „Охридско лето“ и на Бриони во Хрватска, а повеќекратни изведби минатата сезона беа организирани во рамките на сите изданија на регионалниот фестивал РУТА.

– Учеството на фестивалот „Град театар“ – Будва за членовите на ансамблот, уметничкиот и техничкиот дел од тимот на НУ Драмски театар – Скопје беше одлична можност да ги изведуваме достигнувањата на нашето уметничко и професионално творештво и специфичното културно наследство почесто на нови сцени и пред нова публика. Во исто време имајќи предвид дека станува збор за копродукција на четири регионални театарски институции, фестивалското претставување на уметниците и творечкиот потенцијал, размената на искуства, разговорите и стекнување увид во продукциските текови на странските театри, компании и уметници, обезбедува додадена вредност во јакнењето на платформата за соработка на Регионалната унија на театри – истакнуваат од Драмскиот театар. С.Ј.