Фото: Архива „Нова Македонија“

Дел од зградата на поранешното НИП „Нова Македонија“, во која се сместени повеќе државни институции, е поплавен поради пукање на топловодна цевка.

Од безбедносни причини во објектот е исклучена и електричната енергија, поради што во моментов не функционираат лифтовите, компјутерските системи и серверите.

Засега нема прецизни информации за обемот на поплавата, односно кои простории и опрема се зафатени, ниту колкава е причинетата материјална штета.

На терен се ангажирани технички екипи кои работат на отстранување на последиците, испумпување на водата и санација на дефектот.

Хаваријата се случила околу полноќ, по што веднаш реагирало обезбедувањето од Министерството за внатрешни работи.

Според првичните процени, постои можност објектот да остане без електрична енергија и во наредните денови. Тоа ќе зависи од степенот на оштетувањата и времето потребно за безбедно повторно активирање на електричната мрежа.

Во објектот се сместени повеќе државни институции, меѓу кои Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат, Државната изборна комисија, делови од Министерството за економија и труд, како и други агенции и управи.