На 1 декември (четврток), во киното „Фросина“ во МКЦ, од 21 ч. ќе се одржи промоција на романот „Засолниште во времето“, со гостување на авторот, прославениот бугарски писател Георги Господинов. Романот од бугарски на македонски го преведе Душко Крстевски. Објавувањето на романот и промоцијата се дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“ на издавачката куќа „Или-или“ во програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Модератор на промоцијата ќе биде Дарин Ангеловски, а промоторки на романот ќе бидат Оливера Ќорвезироска и Калина Малеска.
Во својот роман „Засолниште во времето“, бугарскиот автор го претставува светот во кој луѓето го бараат засолништето во минатото. Она што првично било замислено како терапија за луѓето со Алцхајмер и деменција станува дистопија: во секоја европска земја се одржува референдум за избор на деценијата во која би сакале да се вратат.
Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени: „Природен роман“, „И други приказни“, како и збирката песни „Балади и распади“, неговиот најуспешен роман „Физика на тагата“, и збирките раскази „И сè стана месечина“ и „Сите наши тела“.