Оливера Ќорвезироска, писателка

Рецензии и осврти кон книгите: „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, „Песот со тажен поглед“ на Оливера Николова, „Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова, како и кон добитникот на наградата „Стале Попов“ – романот „Маџун“ од Влада Урошевиќ, и „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков… се дел од новата книга со наслов „На полпат: (критика или молк)“ на писателката Оливера Ќорвезироска. Книгата вклучува и критички осврти кон изданијата од повеќе значајни домашни автор од новата генерација: Румена Бужаровска, Калина Малеска, Елизабета Баковска, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски… и од најпочитуваните регионални автори: Миљенко Јерговиќ, Дарко Цвјетиќ, Лана Басташиќ, Дамир Каракаш, Кристијан Новак, Огнен Спахиќ, Стефан Тиќми, Александра Јовановиќ и Владимир Зарев.
Вкупно 44 рецензии кон значајни изданија од современи македонски и регионални автори се собрани во „На полпат“, во која се покажува дека книжевната критика е неодминлив и многу важен дел од творечкиот опус на Ќорвезироска.

Како се роди идејата и каква е потребата од книга каква што е „На полпат: (критика или молк)“?
– Долго и континуирано пишувам книжевна критика и додека го правам тоа не мислам на книга. Почнувам да мислам дека имам книга дури кога ќе се соберат голем број текстови. Тогаш прецизирам концепт и се владеам според него при изборот на критиките што ќе влезат во новата книга. Претпочитам книги со концепти, не објавување на сè што имаме на располагање, што сме напишале. Го сакам процесот на избирање генерално, а и низ своите текстови, бездруго. „На полпат“ сакав да биде актуелна книга, затоа ја „ограничив“ на текстови пишувани последните неколку години. Понекогаш сакам критички книги само за домашни автори (мојата претходна критичка книга „Еден Текст и една Жена“), понекогаш, како сега, се решив за микс од домашни, регионални и една „светска“ книга во пропорција на некоја моја, авторска, пишувачка, но и читачка мера.
Какво книжевно задоволство ви причинува пишувањето критика, која е повратната реакција што најчесто ја добивате од пишувањето критика?
– Себеси првенствено се сметам за читател. Читањето е суштината, моја и на мојот однос со и кон книжевноста. Потребата да го коментирам она што го читам сум ја имала отсекогаш, од дете. Таа полека и спонтано се претвораше во критички текст. Повратна реакција… Не знам дали очекувам некаква повратна реакција, но, ние сме мала средина, обично луѓето ме фалат кога ги фалам и обратно, ме кудат кога ги кудам. Маѓепсан круг е тоа, но најчесто не влегувам во него. Имам потреба да ја испишам трагата што се втиснува во мене по прочитот на одделна книга. За која книга ќе пишувам, а за која ќе молчам, е сложена, лична одлука. Најчесто нема врска со тоа дали прочитаното го вреднувам како добро или како лошо…
На нашето поднебје е реткост да се најде некој што посветено чита и пишува книжевна критика… Недостига ли критика што е бескрупулозна, аргументирана, брутална и сурова кога е во прашање книжевната „вистина“? ​
– Да. Недостига критика. Недостигаат „книжевни вистини“, чии и да се, какви и да се… Но, сепак, ми се чини, најстрашно е тоа што генерално кај нас повеќе се пишува отколку што се чита. Можеби токму во тој дисбаланс се стуткала книжевната критика…
На што се должат дефицитот од книжевна критика и незаинтересираноста за пишување или, пак, читање, може ли да се припишат на малата сцена и задржувањето на пријателствата во книжевниот круг?
– Сметам дека дефицитот од книжевна критика првенствено се должи на немањето простор каде да се објавува. Сè заменивме со социјалните мрежи, порталите… каде што буквално секој е стручњак за сè. Тоа е заморно, здодевно и опасно на долги патеки. Трката за тиражи и профити ја стави вистинската книжевност на отстрел. Што се однесува до пријателствата во книжевните кругови, тие не се гратис-влезници, туку по дефиниција мора да останат пред вратата на професионализмот. Не знам како да се стимулира книжевната критика. Тој што чувствува дека мора да ја пишува, вака или онака, ја пишува. Видливо – со букви, или невидливо – со молк.
Се читаат ли меѓусебно писателите кај нас, се поддржуваат ли, имаат ли доблест да прифатат критика, дури и ако освртот не им се допаѓа?
– Да. Од една страна, често помислувам дека само меѓу себе и се читаме… Од друга страна, она што ме плаши е дека живееме во концентрични книжевни кругови без никаква општа, заедничка, пресечна точка. Премногу писатели, премалку читатели. Како сосила да ги прогонуваме знаењето и страста од книжевноста.