Венко Андоновски со нов роман по десет години

Eдно од најголемите имиња на македонската книжевна сцена, авторот и професор Венко Андоновски, има нов роман – со навистина интригантен наслов „Папокот на светлината“, кој излегува во издание на „Три“ и чија промоција е закажана за 1 декември. Десет години по објавувањето на последниот роман „Ќерката на математичарот“ и 22 години од „Папокот на светот“, книгата што ги освои речиси сите значајни книжевни награди (Роман на годината, „Стале Попов“, „Балканика“ и руската награда „Југра“), Андоновски се враќа на сцената со нов роман, кој се надоврзува (но не го продолжува) на „Папокот на светот“.
Јан Лудвиг, протагонистот што во „Папокот на светот“ трагаше по папокот на светот (љубов кон жената), сега е во потрага по папокот на Светлината. Заедно со другите ликови, тој се обидува да открие каде се раѓа онаа Светлина што ја просветлува душата, наспроти оние што се задоволуваат да му бидат облека на ѓаволот. Според издавачот „Три“, овој роман претставува нов клуч за читање на „Папокот на светот“; во него тројството на светлината го надминува дуализмот на светот. Дуализам што и го уништи стариот свет, со сите негови морални вредности, и го претвори во опожарена цивилизација врз чии јагленосани остатоци треба да се крене новиот продуховен свет.
– „Папокот на светлината“ е целосно изворно дело, не е римејк или преработка на „Папокот на светот“ напишан пред точно 20 години. Освен сличноста во насловот, не постои тематска или структурна сличност меѓу нив. Врската меѓу двата романа е во тоа што во првиот главниот лик трагаше по папокот на светот (љубов кон жената), а во новиот трага по папокот на Светлината (љубовта кон Бога, иако до таа љубов доаѓа повторно преку љубовта кон една жена).

Ликовите во овој роман ги интересира каде се раѓа онаа Светлина што ја просветлува (а не само ја просветува) душата, кој го сече Нејзиниот папок кога ќе се роди, како се случува некој цел живот да го бара папокот на Светлината (Бога), а некој да се задоволи да му биде облека на ѓаволот. Ѓаволот сака да се облекува во човековото тело; тоа грешно тело е омилената облека на нечестивиот, повторуваат неколкупати ликовите на овој роман. Затоа, „Папокот на светлината“ е во знакот на Светото Тројство: тројца навидум различни наратори раскажуваат три навидум неповрзани приказни, сите љубовни на свој начин, три наративи што на крајот се сврзуваат во еден, можен роман. Нема да се погреши и ако се каже дека во овој роман три куси романи сраснуваат еден во друг, и сите заедно прераснуваат во еден архироман. Трите дела се насловени: „Облеката на ѓаволот“, „Графитниот љубовник“ и „Папокот на светлината“. Првиот дел се одвива во Франкфурт и Скопје, вториот во Крагуевац, а третиот на Света Гора – се вели во најавата на издавачот.
Одлика на досегашните романи на Венко Андоновски беше двојството: секогаш имаше една приказна во минатото и една во сегашноста. Одлика на „Папокот на светлината“ е тројството. На тој начин овој роман станува и нов клуч за читање на „Папокот на светот“; тројството на светлината го надминува дуализмот на светот. Дуализам што и го уништи стариот свет, со сите негови морални вредности, и го претвори во опожарена цивилизација врз чии јагленосани остатоци треба да се крене Новиот продуховен свет. „Папокот на светлината“ е значаен прилог кон тој нов, продуховен свет.