Во Скопје денеска се одржа протестен марш против насилството врз жените и фемицидот, во организација на неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“.
Повод за протестот беше неодамнешното убиство на 17-годишната Билјана Ќириќ од Богданци, како и податоците за седум случаи на фемицид во земјава во текот на оваа година.
Учесниците на маршот носеа транспаренти со пораки против насилството и повикаа на поголема институционална заштита на жените.
Претставниците на иницијативата побараа унапредување на законските решенија за заштита од насилство, доследно постапување на надлежните институции и поголемо внимание на превенцијата.
На протестот беше истакната и потребата од навремено реагирање на пријавите за насилство, како и од подобра координација меѓу институциите.
Во меѓувреме, во јавноста е покрената и петиција за воведување електронски нараквици за следење на сторителите на семејно насилство, мерка за која претходно се расправаше и во Собранието.


































