Фото: Игор Бансколиев

Повеќемина историчари, врз основа на историските документи, факти и материјални докази, нагласуваат за „балистите“ дека станува збор за албанска екстремна националистичка и фашистичка организација што се стремела за создавање т.н. голема Албанија, во соработка со фашистичка Италија и структурите на Третиот рајх на Адолф Хитлер. Зошто тогаш терминот „балисти“ да нема ист третман како и сите други (личности, организации и настани) што се поврзани со фашистичката идеологија и кои промовираат и шират национална, верска, расна, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза или екстерминација?!

Забраната за употреба на имиња на личности, организации и настани поврзани со фашизам, нацизам и антисемитизам доследно да се спроведува

Промовирањето историски сеништа од минатото, особено ако станува збор за личности и организации, што се поврзани со фашистичката идеологија, кои промовираат и шират национална, верска, расна, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација или поддржуваат фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх, не само што се спротивни на слободарскиот, антифашистички и демократски карактер на македонската држава, како и на нејзините европски аспирации, туку тие се казниви со законот! Македонскиот слободарски и антифашистички дух, македонската традиција и отпор кон ваквите обновени опскурни тенденции, се разбуди и, со право, бунтовнички реагира на обидите Македонија и македонскиот народ некој да ги изедначи со фашизмот, антисемитизмот, нетолеранцијата, омразата, геноцидот, екстерминацијата… Таквите импутации зачестија со именувањата на бугарските клубови со имиња на ликови и дела на историски докажани фашисти. Но именувањата, промовирањата и скандирањата на организации од минатото што се идентификувале со нацизмот, хегемонијата, насилствата на овие територии не завршува тука. На тоа се надоврза и случајот со сѐ почестата употреба на терминот „балисти“, кој во последно време, за жал, сѐ повеќе се споменува и употребува, но не во вистинското значење. Или, пак, можеби оние што го скандираат и не се свесни за вистинското значење на таа организација, нејзиното дејствување и како точно историјата и историските факти ја идентификуваат споменатата организација?

Балистите биле албански злосторници и фашисти

Експертите и познавачите посочуваат дека во оваа категорија може да се вброи и името со кое се самонарекува една навивачка група – „Балисти“. Групата неодамна прослави 30-годишен јубилеј низ улиците на Тетово. За голема жал на јавноста, наместо спортски скандирања и навивање, навивачката група настапи со навредливи и вулгарни етнички скандирања кон македонскиот народ. Досега македонските државни институции не презедоа сериозни дејства кон активностите на спомената навивачка група, која со своите скандирања манифестира говор на омраза и предизвикува меѓунационална и верска омраза и меѓуетнички тензии. Од друга страна, експертите посочуваат дека врз основа на новиот закон за здруженија и фондации постојат основи за забрана на употреба на името „Балисти“, вклучувајќи ја и споменатата навивачка групација, идентично како што има основи да се забрани употребата на именуваните бугарски клубови со имиња на ликови што практикувале фашистичка идеологија. Имено, според низа соговорници, употребата на терминот „балист“ во која било сфера од општествениот живот е нарушување на мирот и спокојството на граѓаните, како и соживотот помеѓу Македонците и Албанците, особено ако се земе предвид минатото на балистите и балистичкото движење во Македонија и пошироко.
Сепак, за издвојување пред јавноста е дека во изминативе неколку години албанската историографија, вклучувајќи и неколку албански историчари од Македонија, се обидува да ја релативизира идеолошката матрица на „Бали комбетар“ и нејзините вооружени формации познати како „Балисти“. Но факт е дека сите други историчари се согласни, врз основа на историските документи и проверените факти, и нагласуваат дека станува збор за албанска екстремна националистичка и фашистичка организација што се стремела за создавање т.н. голема Албанија, во соработка со фашистичка Италија и структурите на Третиот рајх на Адолф Хитлер.

Сведоштва од историските документи

Во периодот од мај до јули 1941 година, по декретот на Мусолини од 17 мај 1941 година, во сите градови во овој дел на Македонија биле формирани разграноци на Фашистичката партија на Албанија. Секретари на градските организации биле следните лица: Дебар – Љутви Спахиу, Кичево – Зибер Лимани, Гостивар – Ибраим Адосани, Тетово – Шаип Камбери и Струга – Махмуд Таро, Есад Доко и Наим Амзи. Мрежата на Фашистичката парија на Албанија многу брзо успеала да го наруши соживотот меѓу Македонците и Албанците на овие простори, а диктатурата што ја спроведувала врз населението била неиздржлива. Според инструкциите за контрола на окупираната територија, а врз база на фашистичката платформа од Тирана, биле формирани голем број фашистички организации, како „Беса“, „Фаша“, „Зото“ и „Таша“, а особено битно било формирањето на балистичката организација што се појавила кон крајот на 1942 година.
Во тој контекст, проф. д-р Ѓорѓи Малковски од Институтот за национална историја истакнува дека балистичкото движење најмасовно се проширило во 1943 година, кога станало важна политичка и воена сила на целата територија на западна Македонија и во Косово. Претходно, во подготовките на теренот, како што нагласува Малковски, италијанската фашистичка власт забранила Македонците да имаат какво било влијание во локалната власт, воведувајќи го албанскиот јазик како официјален во училиштата, општините и јавното комуницирање.
– По формирањето на големоалбанскиот комитет во Дебар во 1942 година, на чело со Али Реџа и Риза Афус Мемет, започнал планот за што побрзо иселување на Македонците од градот и околните села. Притоа целата административна власт била вклучена во проектот за протерување на Македонците. Така, со извршениот попис во 1942 година, целокупното население што живеело на оваа територија, без оглед на својата национална припадност, било запишано како Албанци и добило албанско државјанство. Друга националност не била признавана – посочува Ѓорѓи Малковски.
Сите имиња и презимиња на Македонците морале да добијат албански завршеток, целокупната администрација била водена на албански јазик, а строго биле забранети и сите јавни разговори на македонски јазик, дури и телефонските разговори морало да се вршат на албански, а сите мажи морале да носат кечиња на главата. Проф. д-р Ѓорѓи Малковски истакнува дека истиот притисок се спроведувал и во другите градови и села во западниот дел на Македонија, кој бил под окупација на Италија, односно Албанија.

Апел да не се будат сеништата од минатото, но и апел за реакција

Во тој контекст, сите наши соговорници истакнуваат дека забраната за употреба на имиња на личности, организации и настани поврзани со фашизам, нацизам и антисемитизам треба доследно да се спроведува.
Тоа не само што треба да важи за имињата на бугарските културни клубови во Македонија туку, принципиелно, забраната треба да ги опфати и сите називи и имиња на личности и настани што правеле злосторства не само на територијата на Македонија врз Македонците, Албанците, Владите, Турците, Ромите, Србите и на сите други етнички ентитети што живееле на овие наши простори. Забраната, во принцип, треба да важи и за употреба на имиња и називи што „од позиции на екстремизам, фашизам, нацизам или антисемитизам правеле хегемонистички крвави злосторства и на други народи на која било точка на Земјината топка“. Во овој контекст, никако не треба да ги заборавиме и Евреите, кои доживеале погром од невидени размери. Затоа, соговорниците се вчудовидени од толерантноста на јавноста и на институциите од нешто што флагрантно предизвикува чувство на страв и несигурност кај македонските граѓани, односно во нормалниот општествен животен тек внесува „нарушување на мирот и спокојството на граѓаните, како и нарушување на соживотот помеѓу Македонците и другите малцинства во Македонија. Терминот „балисти“, според експертско толкување, го прави токму тоа, будејќи ги крвавите сеништа од минатото.


„Бали комбетар“ – националистичка и профашистичка организација

„Бали комбетар“ (Национален фронт) била албанска националистичка и профашистичка организација, формирана во ноември 1942 година во Албанија од страна на Италијанците, со помош на квислингот Мустафа Kруја. Организацијата ја раководеле големопоседниците, главно аги и бегови, бајрактари од Северна Албанија. Најважната парола со која добивале најмногу приврзаници била создавање голема Албанија. За борба против народноослободителните воени единици во Македонија и во Албанија, во март и септември 1943 година склучиле сојуз со италијанската и германската војска, од кои подоцна добиле оружје и муниција. Kон крајот на 1943 година го формирале Косовскиот полк. Во Македонија, покрај воените дејства, балистите извршиле многубројни палежи, грабежи, силувања и убиства. Овие акции ги изведувале сами или во координација со италијанските и со германските воени сили.


Денес истекува рокот клубот „Ванчо Михајлов“ да го смени името

„Ванчо Михајлов“ од Битола не ги отстрани спорните содржини од социјалните мрежи иако рокот за тоа истече, а денеска истекува и рокот за другите препораки во однос на името и содржината, па доколку не постапи по нив, следува прекршочна постапка, порачаа од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).
Како што информираа оттаму, бидејќи истече рокот за отстранување на содржините на социјалните мрежи за кои е утврдено дека освен што шират вознемирувачки говор во кој се величат ликот, делото и идеологијата на Михајлов, постојат и сериозни индиции дека имаат расна и ксенофобична содржина, предизвикуваат нетрпеливост, омраза и дискриминација и ги повредуваат правото и слободата на поголем број луѓе, сега понатамошната постапка ја води Основното јавно обвинителство.
Членката на комисијата, Весна Бендевска, потенцира дека иако имаат право да поведат прекршочна постапка, сепак решиле да му го препуштат тоа на Основното јавно обвинителство, кое побарало од нив до достават информации и копии од спорните содржини објавени од страна на клубот на социјалните мрежи.
– Спорните содржини упатуваат не само на вознемирувачки говор туку постојат сериозни индиции дека се повредуваат правата на поголем број луѓе, а тоа упатува на одредби од членот од Кривичниот закон, со што топката ја префрламе кај Основното јавно обвинителство – изјави Бендевска.
Таа додаде дека денеска истекува и рокот за препораките и во однос на спорното име и содржината на клубот, со што следен чекор е заседавање на комисијата и утврдување на можна прекршочна постапка.
Бендевска појасни дека во однос на овие две препораки, Министерството за правда треба да достави писмо, бидејќи тие се задолжени да извршат вонреден надзор на примената на одредбите на Законот за здруженија и фондации, а културниот центар треба да докаже пред Централниот регистар дека одлучил да го смени името.
На конференцијата беше информирано дека до комисијата пристигнале голем број претставки од граѓански здруженија што се однесуваат на бугарската заедница во државава.
– Впрочем ние сме затрупани со такви претставки, кои во најголем дел доаѓаат од здруженија на граѓани со оправдан интерес. Тие постапки се во тек и ги работиме – рече Бендевска.